Средба на членовите на Комисија за образование при ЗЕЛС со министерката за образование и наука
Комисијата за образование при ЗЕЛС на 11 јуни, 2026 година, со почеток во 15,30 часот, во просториите на ЗЕЛС ја одржа првата седница на која присуствуваше и министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Седницата беше посветена на актуелни предизвици во образованието поврзани со имплементацијата на новата формула за образование и спроведувањето на оптимизацијата на училишната мрежа.

Претседателот на Комисијата за образование при ЗЕЛС, Кирил Пецаков, градоначалник на Општина Охрид, на почетокот нагласи дека, како резултат на имплементирање на новата формула, одредени општини укажале дека добиле помалку средства и побара образложение за оваа состојба. Од посебна важност за овој состанок, според Пецаков е отворање на прашањето за изнаоѓање на взаемни решенија во однос на барањето од МОН упатено до сите општини за спроведување на оптимизација на наставниот кадар во прво и во шесто одделение и во прв клас средно образование. Според укажувањата од МОН голем број на наставници треба да се отпуштат што би предизвикало големи социјални, па и политички потреси не само во општините туку и пошироко во земјата. Укажа дека вишокот на паралелки во голем процент е направен поради одредени специфични состојби на општината: ридско-планински села или голема оддалеченост од централното училиште; потребата да се зачува населението во руралните средини бидејќи укинувањето на училиштето ќе претставува дополнителен стимул за иселување и на оние што се уште останале; поради неопходното обезбедување на правото на учење на свој мајчин јазик и слично. Исто така го нагласи и предизвикот со дефицитарен кадар по предмети од природните науки наспроти зголемен број на наставници од други области предизвикано поради честите промени во наставните програми во минатиот период од Бирото за развој на образованието. Пецаков ги посочи и зачестените укажувања од општините за пристигнување на судски одлуки за исплата на јубилејни и други награди за наставниот кадар, утврдено со Колективен договор чија имплементација започнала минатата година, што преставува огромен дополнителен трошок за општините што треба да го обезбедат на и онака малкуте средства за спроведување на оваа надлежност
Во таа насока градоначалникот Пецаков предложи да се одржат и дополнителни средби на локалната власт и МОН во насока на изнаоѓање на взаемно компромисни решенија по прашањето за оптимизацијата на наставниот кадар. Нагласи дека секој длабок рез како што се имплицира сега, нема да ги даде посакуваните резултати. Рационализација треба да се спроведува континуирано и постепено, а започнувањето да биде од прво одделение што општините веќе го прават, а за останатите да се направи објективна анализа и да се оди постепено. Тој предложи МОН да иницира законски измени за кои поддршка ќе дадат и општините да не дозволи продолжување на одењето во пензија за две години (наместо на 64 да заминат на 62 години). Во период од следните три години постепено да се остави простор за разни активности, како што се : префрлање на кадри во градинките каде има сериозен недостаток во воспитниот дел; доброволно преминување на дел од наставниците во образовни асистенти, постепено отстранување на наставен кадар што е времено ангажиран, одење во пензија и слично. Затоа е потребен процес, а не рез бидејќи е потребно и време за обезбедување на преквалификување. Пецаков посочи дека МОН треба да преземе дополнителни стимулативни мерки за обезбедување на дефицитарните кадри на наставници од природните науки или поддршка за преминување на дел од наставниот кадар во преквалификување за овие наставни програми. Забелешки имаше и во делот на неодобрувањето на вработувања за кои постои старо финансирање.
На седницата говореше и градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами кој нагласи дека во целиот овој процес МОН и општините треба да дадат приоритет на унапредување на квалитетот на образование, а оптимизацијата на средствата да е секундарно и да тече во еден подолг процес. Во таа насока тој посочи дека планира зајакнување на наставата со обезбедување на дневен престој за децата од прво до петто одделение и обезбедување на дополнителни наставни часови за децата од шесто до деветто одделени. Касами посочи дека еден наталожен и нерешен предизвик од минатото не треба да се стави во целост на товар на оваа гарнитура на градоначалници, бидејќи ќе предизвика силен социјален и политички притисок. Касами укажа и на покомплексните состојби, особено во доменот на мултијазичноста, што бара добро и разумно планирање на кадри. И тој го нагласи недостатокот на стручни кадри од областа на природните науки и ја потенцира потребата МОН да вложи дополнителни напори за преземање на разни мерки за обезбедување на вакви кадри во образовниот процес. Исто така, го посочи и предизвикот на итни потреби за ново финансирање за кое не се добива одобрување, а произлегува токму за одредени специфични состојби во општините.
Пред присутните се обрати градоначалникот на Центар Жупа, Аријан Ибраим, кој нагласи дека општината преземала низа инфраструктурни мерки за обезбедување на соодветни услови за спроведување на настава во речиси сите свои ридско планински училишта за да го поддржи населението да не се иселува и сега се соочува со состојби каде заради помал број на ученици треба да ги оптимизира и паралелките и објектите. Тој го потенцира предизвикот на одземање на вишокот средства кон крајот на годината од страна на МОН, од причина што многу доцна се доставуваат средствата од последниот квартал на исплата и предложи тоа да се спроведува многу порано отколку досега, бидејќи не станува збор за вишок на средства на општината, туку заради мал временски интервал тие не можат да ги преземат потребните активности за нивна реализација.
Градоначалникот на Општина Чешиново Облешево, Јорданче Костадинов го нагласи предизвикот со задолжителниот превоз на учениците, каде многу средства одат на компании кои на тендер нудат нереални цени. Предложи да се овозможи општините сами да купат сопствени возила или да добијат поддршка од МОН и на тој начин оваа услуга да ја реализираат со многу помали трошоци .
Градоначалникот на Општина Чашка, Суат Шаќиров, укажа на предизвиците со кои се соочува оваа општина, што потекнуваат од изминатиот период и дека сега се преземени голем број активности во процесот на оптимизација, запазувајќи ги критериумите на обезбедување на најблиска достапност на училиштата до учениците и согласно јазичните потреби на наставата за рационален пристап на оптимизација на училишна мрежа. При тоа укажа дека е потребна и поддршка од МОН, а министерката Јаневска нагласи дека целосно се согласува со овој пристап и вети дека преку заеднички состаноци ќе дојдат до најоптимални решенија.
Извршната директорка на ЗЕЛС пред министерката на МОН ги изнесе и прашањата од градоначалниците на Струга, Босилово, Гостивар, Студеничани изнесени на последната седница на Генералното собрание на ЗЕЛС на кои и беше даден соодветен одговор.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска образложи дека овој процес е поврзан со потребата да се зголеми квалитетот на образованието на нашите ученици кој во изминатиов период бележи континуиран пад. Исто така е поврзан и со исполнување на критериумите од реформската агенда на нашата земја, на што долг период се укажувало, но досега никој не ги преземал потребните чекори. Формулата треба да обезбеди правична распределба на средствата за образование по општините според, однапред утврден трошок по ученик, со дополнување на одредени специфичности во одредени средини и состојби. При тоа предвиден е и четиригодишен период на постепено прилагодување на досега добиваните средства за оваа намена, за одреден процент, со цел да не се предизвика ,,шок,, во одредени општини поради одземање на значителни средства за оваа намена ( од причини на намален број на ученици ).Таа посочи дека анализите покажале дека многу голем број паралелки во училиштата се формирани под законскиот минимум од најмалку 20 деца во паралелка и тоа не само во средини каде има објективна оправданост за тоа (подалечни рурални средини, различна јазична застапеност и друго) туку станува збор за помасовна појава, применувана со цел задржување на наставниот кадар во училиштата, преку обезбедување на минимум часови . - ,,Резултатот е денес да имаме околу 2.500 наставници кои не би било потребно воопшто да бидат ангажирани, а примаат плата, имаме 124 училишта во кои не е запишано ниту едно дете. Има и основно училиште каде има 3 деца за кои плата примаат 12 наставници, или за 52 деца се формирани 4 паралелки. Тоа а една од причините поради кои имаме состојби кога блок дотацијата покрива речиси 100% за плати на наставниците, што значи дека во тие општини, во училиштата не може да се купи ни по една креда. Наспроти сето ова, имплементацијата на новата формула тргна со помалку од 300 милиони денари, кои не беа одобрени во Буџетот од страна на Министерството за финансии кои МОН ќе ги бара да бидат дополнети со следниот ребаланс на Буџетот, но неизвесно е дали ќе бидат одобрени“, нагласи министерката Јаневска.
Таа посочи дека и МОН се залага за повеќе средства за образование и дека од Министерството за финансии во континуитет се одбивани за одобрување на ново финансирање и онаму каде утврдиле објективна потреба за истото. Во таа насока поттикнати се сериозни чекори за оптимизација на училишната мрежа од страна на општините како неопходност за што е укажувано уште во процесот на креирање на новата формула. Формулата стимулира праведно финансирање и исклучува непотребно трошење на средствата. Во таа насока, МОН уште пред две години упати барање од општините доброволно да се пријават за поддршка за креирање на планови за оптимизација на училишната мрежа за 10 општини. Минатата година беше обезбедена поддршка за дополнителни 23 општини, а се планира обезбедување на поддршка за сите останати општини. Сето ова се реализира затоа што и МОН е свесно дека процесот не е воопшто лесен и бара опсежни разговори со родителите, наставниците, учениците за да се изнајдат најоптималните можност во полза на сите инволвирани страни, но констатираше дека мора да се започне веднаш, од оваа година.
Министерката изнесе и други податоци. –„Според анализите утврдивме дека имаме не мал број на општини во кои се формирани дури 80 и 100 вишок паралелки од рационално потребниот број . Тоа ни потврди дека има место да се направи подобар распоред. Нема да се менува формулата, само МОН ќе направи дополнителна анализа дали може да се обезбеди одредено подобрување доколку се пристапи кон поместувања на утврдените граничници или пак да се пристапи кон одземање на средства од општини што имаат вишок да им се даде на општини со помалку средства .Исто така ќе се разгледа и можноста да се откочи досегашната забрана да се преземаат вишокот средства од основно кон средно и обратно. Она што со сигурност ќе го направи МОН во овој период е да ги намали квотите за упис во средно образование на паралелки и струки кои според податоците на Агенцијата за вработување ги има во доволен број, а ќе стимула таму каде има дефицит на работна сила. Исто така, ќе се разговара со Агенција за вработување и во делот на обезбедување на соодветна доквалификација и преквалификација на потребните кадри.“ Во однос на исполнување на обврската од Колективен договор за јубилејни и други награди на вработените, министерката Јаневска предложи ЗЕЛС да испрати иницијатива до соодветните министерства (за правда, економија, социјала) и до инспекциските служби за утврдување на соодветни решенија за овој предизвик што може да предизвика сериозен колапс во финансирањето на образованието во овој период .
Присутните заклучија дека треба да се продолжи со разговори за овие предизвици на општините и во рамките на Управниот одбор на ЗЕЛС, за што министерката изрази подготвеност да дојде и да дискутира по истите.



