Општините и даватели на услуги покажаа иницијален интерес за развивање на интегрирани социо-економски услуги

На 19 јуни, 2026 година ЗЕЛС, НАЛАС и ГИЗ ја организираа и спроведоа првата онлајн инфосесија за заинтересираните општини и даватели на социјални услуги, кандидати за апликација на отвороениот повик од Програмата за јакнење на капацитетите на општините за унапредување на социо-економското учество на жени и девојки од ранливи категории. Над 15 општини и неколку даватели на услуги се приклучија на првата од двете онлајн инфо сесии кои покажаа интерес за развивање на социјални услуги за следниве ранливи категории на жени и девојки:

•жени и девојки жртви на родово базирано или семејно насилство;

•жени и девојки кои живеат во рурални или оддалечени средини.

Целта на средбата беше претставување на целите, мерките и активностите кои ќе бидат опфатени со Програмата за унапредувањето на социо-економското учество на жените и девојките од ранливи категории. Исто така на средбата се објасни и начинот на аплицирање, критериумите и претставување на содржината на образецот на пријава, што е дел од самиот повик. Вториот дел од сесијата беше посветен на расчистување на дилемите кои ги имаат потенцијалните апликанти поврзани со повикот, со што истите имаа можност да ги постават прашањата, а ЗЕЛС, НАЛАС и ГИЗ како спроведувачи на Програмата да им дадат одговори во текот на сесисијата, или дополнително по емаил.

Во првиот дел од сесијата беа претставени целта и мерките на Програмата која треба да им овозможи на општините да креираат и воспостават интегрирани социо-економски услуги (комбинација од социјални, образовни и/или услуги за вработување) и политики засновани на докази, кои одговараат на повеќеслојните ранливости на избраните целни групи. Во рамките на Програмата, општинската администрација и давателите на услуги ќе добијат насочена стручна и техничка поддршка за зајакнување на нивните знаења и вештини за дизајнирање и спроведување на услуги засновани на докази во 3-те пакети: 

Јакнење на општинските капацитети за креирање политики засновани на докази; 

Јакнење на општинските капацитети за дизајнирање услуги и 

Јакнење на општинските капацитети за воспоставување и испорака на услуги.

Во секоја од овие мерки се предвидени активности. Сите осум општини ќе учествуваат на онлајн курсот „LNOB- Социјално мапирање и креирање политики засновани на докази. Понатаму, поддршка за социјално мапирање е предвидена за 4 општини, а  експертска и техничка поддршка за воспоставување на социјално-економски услуги за жени и девојки ќе добијат само 2 општини  во износ од 7.000 евра. Како што беше објаснето директни корисници на Програмата се општините кои се посветиле на дизајнирање, воведување и испорака на интегрирани социоекономски услуги во партнерство со локални даватели на услуги кои имаат лиценца или имаат потенцијален капацитет да испорачуваат интегрирани социоекономски услуги. Крајни корисници на прогрмата се жени и девојки жртви на родово-базирано или домашно насилство и жени и девојки од рурални и поодалечени средини. Како додадена вредност на овој проект е што сите првично одбрани 8 општини ќе учествуваат во активноста Кластер за учење и ќе развијат концепти за социо-економски услуги, врз основа на наодите од Социјалното мапирање и други локално достапни податоци.

На сесијата се објасни дека оштините и давателот на услуга заинтересирани за учество во Програмата за јакнење на капацитетите треба да достават пополнета Пријава најдоцна до 26 јуни, 2026 година, на следниве емаил адреси: contact@zels.org.mk и shehi@nalas.eu. Апликацијата треба да биде потпишана од градоначалникот на општината и овластениот потписник на давателот. Општините ќе бидат избрани и рангирани согласно претходно дефинирани критериуми и бодување.  На првото ниво на селекција, во рамки на Повикот ќе се изберат осумте најдобро рангирани општини по однапред утврдените критериуми и бодување кои се јавно објавени, додека пак четирите највисоко рангирани општини од нив  ќе бидат избрани за добивање поддршка за спроведување Социјално мапирање. Второ ниво на селекција, ќе се спроведе во рамки на Кластерот за учење. По завршувањето на Социјалното мапирање и развојот на концептите за услуги, ќе се спроведе втор процес на избор заснован на квалитетот на концептот и однапред утврдени критериум.  Од четирите општини кои добиле поддршка за спроведување Социјално мапирање, две општини со највисок квалитет и изводливост на нивните концепти за услуги ќе бидат избрани за поддршка при воспоставување и почетно спроведување на услугата. Двете избрани општини ќе добијат поддршка за обезбедување на услугата во вкупен износ од 7.000 евра по општина, администрирани од страна на проектот во период од 7,5 месеци. Поддршката ќе биде наменета за човечки и материјални ресурси потребни за воспоставување и испорака на услугата. Проектот директно ќе ги ангажира и набавува овие ресурси согласно важечките проектни процедури за набавки и финансиско работење.

По завршувањето на оваа прва информативна сесија, за заинтересираните апликанти ќе биде организирана уште една онлајн сесија на 23 јуни, 2026 година во 10 часот за што е објавен линк во самиот Повик.  По завршување на крајниот повик, од 26 јуни до средина на јули ќе биде разгледувани пристигнатите апликации од страна на Комисија за евалуација составена од претставници од ЗЕЛС, НАЛАС и ГИЗ. До средина на јули ќе треба да бидат објавени и најдобро рангираните 8 општини. Во текот на август и септември се врши подготовка и обука за социјално мапирање, а теренската работа се спроведува од октомври до средината на ноември, по што до средината на декември се подготвуваат извештаи.

Врз основа на резултатите од мапирањето, општините до февруари 2027 треба да покажат политичка волја за интеграција на препораките, а во март и април да ги сои усогласуваат локалните стратешки документи. Паралелно, од декември 2026 до февруари 2027 ќе се работи на дизајнирање на концептите за услуги, при што во март 2027 се избираат општини за понатамошна поддршка. Во периодот од март до октомври 2027 ќе се воспоставуваат и спроведуваат социо-економски услуги, а процесот завршува со финална размена на искуства во крајот на октомври 2027, додека во текот на целиот циклус се обезбедува континуирана програмска поддршка.

Вториот дел од инфосесијата беше посветен на прашања од учесниците, потенцијални апликанти на Повикот кои се интересираа за тоа дали партнерот на општината треба да биде лиценциран или не. Како што стои во повикот, давателот на услуга не мора да поседува лиценца за социјалната услуга која општината планира да ја дизајнира, но треба да има потенцијални капацитети за да може во текот на Програмата или по завршување да се стекне со лиценца. Одреден давател на услуга може да се пријави со  една или со повеќе општини на посебни апликации, за иста услуга. Она што им беше кажано е дека услугата која планираат да ја развијат не треба да се вреднува по тоа колку ќе бидат вработени, што е поврзано со процесот на лиценцирање, туку на колку лица од ранливата категорија понатаму ќе им се пружа таа услуга. Низ дискусијата се потенцираше дека услугата која општината и давателот на услуга има интенција да ја развие треба да има интегрирана социо-економско вклучување на жените и девојки жртви на родово базирано насилство или руралните жени и ова ќе се вреднува многу за изборот на општините. Една од организациите најави можна апликација со меѓуопштинска соработка, што исто така е голема предност. Понатаму, една од општините се интересираше за можноста локалната самоуправа да стане давател на услуга, што законски не ги спречува, иако до сега нема вакви пракси кај нас, а плус самата апликација инсистира за соработка на општина со давател на услуга. Во однос на прашањата за кофинансирање на општините им се објасни дека тоа не предвидува некои големи финансии за ангажирање на 4-5 теренски работници. Но, и дека тоа може да го реши во соработка со потенцијалниот давател на услуга, волонтери во  младински совети, студенти итн. Беше потенцирано услугата која планираат да ја развијат да биде фокусирана на ранливите групи кои се наведени во повикот. Другите дилеми кои ги имаат ќе бидат расчистени на следната опнлајн инфосесија закажана за 23 јуни, во 10ч.

Програмата за јакнење на капацитетите се организира во рамки на проектот „Мостови за инклузија“, кој го спроведуваат NALAS и неговите членки од Западен Балкан, во рамки на регионалниот проект „Унапредување на социо-економската вклученост во општините од Западен Балкан“ (SPARK), имплементиран од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) GmbH, во име на Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ).