ЗЕЛС даде поддршка на општините на регионалните дебати за утврдување на предлог-решенија за измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните

Состојбата со уличните кучиња  стана  сериозен предизвик за локалната самоуправа во нашата земја заради што се наметна потреба за обезбедување на одредени  законски измени во оваа област и утврдување на соодветно финансирање на општините за спроведување и на оваа надлежност.

-,,Околу 80% од сопственичките кучиња во нашата земја не се микрочипирани и стерилизирани, што придонесува кога оваа популација ќе се појави на јавна површина или предизвика штета на јавна површина автоматски да биде сметана во популација на бездомни животни и сопственост на општините. Дел од сопствениците се однесуваат неодговорно и ги напуштаат своите миленици што придонесува за континуирано зголемување на бројот на бездомни кучиња.  Вкупните трошоци за надомест на штета во постапките од сообраќајни несреќи предизвикани од куче, каснување или напад од куче, паѓаат на товар на општините. Некои општини посочуваат дека трошоците за надомест за исплаќање на вакви штети достигнуваат дури и до 30% од собраниот приход на општината од  данок на имот. Бројот на прифатилишта за бездомни кучиња е недоволен, иако постојат вкупно 25 прифатилишта, од кои повеќето не ги исполнуваат потребните стандарди, ниту  пак се  еднакво распоредени на целта територија. Постојат иницијативи кај општините за формирање на прифатилишта на територија на одреден плански регион, но нема доволно законски утврдени правила за  спроведување на взаемните обврски .  Големи се проблемите и за обезбедување на  финансиски средства за  микрочипирање, стерилизација/кастрација на кучињата, а потребни се средства и за нивно  натамошно следење од страна на ветеринарните служби и создавање на бази на податоци во системите на АХВ за оваа намена. Не постојат  процедури за постапување на ветеринарите кога сопственикот одбива да го микрочипира и стерилизира својот миленик. Се почести се барањата на граѓаните за изградба на прифатилишта, на паркови, но и за гробишта за миленици за што општината треба да планира одредени површини за тие намени, а воедно општините се соочуваат и со недостаток на соодветни кадровски ресурси во секторите/одделенијата за комунални дејности за спроведување на програмите за комунален ред и управување со популацијата на бездомни кучиња/мачиња.“ . Се помасовни се и појави  кога кучињата се користат како предмет за заработка, ( пр. злоупотреба на кучето за креирање на судски случаи каде се исплаќаат високи суми на за сторената штета) се  извезуваат  за заработка или се користат во платени борби на кучиња.“

Потребно е соодветно планирање, организирање, координирање и спроведување на активности за хумано и одржливо управување со популацијата на бездомни кучиња

Ова се дел од предизвиците со кои се соочуваат општините и Агенцијата за храна и ветеринарство во заложбите за обезбедување на соодветно планирање, организирање, координирање и спроведување на активности за хумано и одржливо управување со популацијата на бездомни кучиња на територијата на Р.С. Македонија. Во таа насока во периодот  од април до средината на јуни, 2026 година ЗЕЛС се вклучи во активностите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и учествуваше во организирањето на регионални дебати на кои  беа повикани претставници од општините, од ветеринарните друштва, од прифатилиштата  за кучиња,  од разни здруженија за заштита на животните и  бројни граѓани кои дискутираа по предлозите за измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните. Овие состаноци ги водеа претставниците од работната група формирана од АХВ во која се вклучени и повеќе институции, меѓу кои од: ЗЕЛС; Министерството за локална самоуправа; Факултетот по ветеринарна медицина; Ветеринарната комора; здруженија за заштита на животните. Работна група треба да обезбеди соодветно планирање, организирање, координирање и спроведување на активности за хумано и одржливо управување со популацијата на бездомни кучиња на територијата на Р.С. Македонија. Присутните беа запознаени со законските предлозите за утврдување на надлежности на општинските комунални служби (комунални инспектори и комунални редари) во однос на следење и попис на популацијата на бездомни кучиња и мачиња на територија на одредена општина и  задолжителна изработка на планови и програми за управување со бездомната популација на кучиња и на мачиња, како и изрекување прекршочни казни за неодговорни сопственици на кучиња и мачиња, што би биле повисоки и  процентуално би се делеле меѓу општината и други релевантни институции. На средбите се дискутираше и за предлозите за утврдување на матичен ветеринар на животните и за неговите задолженија. Од страна на ЗЕЛС беше нагласено дека секоја нова обврска за општините треба да биде проследена со нејзино соодветно финансирање за квалитетно спроведување, а беше посочена и потребата за субвенционирање во делот на активно и непречено спроведување  на програмите за микрочипирање, стерилизација/кастрирање на бездомните кучиња/ мачиња од страна на државата,(прва фаза) како и субвенционирање на прифатилишта за згрижување на бездомните животни.

Посебно внимание на состаноците беше посветено и на предлогот за  изготвување на општински стратегии за управување со популацијата на кучиња (подоцна и на мачиња) што би претставувале основа за утврдување на Национална Стратегија за благосостојба на животните. Поради специфичностите на секој регион, беше предложено формирање на  регионални работни групи што ќе им даваат поддршка на  општините и ќе обезбедуваат потребни податоци и информации, а воедно ќе комуницира со националната работна група. Членовите од овие работни групи подоцна ќе дадат свој придонес во подготовката на идната Националната стратегија. Сето ова се смета дека ќе даде придонес за применливи и одржливи основи за мониторинг на вкупниот број на кучиња во земјата во справувањето на секој  плански регион. Присутните беа запознаени и со новата ЕУ легислатива за благосостојба на животните, особено со делот посветен на кучињата и мачињата.