ЗЕЛС организираше работилница за поддршка на општините за изработка на план за оптимизација на училишната мрежа
Реформи во основното и средното образование - оптимизација на мрежата на општинските училишта, поефикасно организирање на превозот на ученици, воведување проширена програма во основните училишта и воспоставување на општински центри за поддршка беа темите на кои претставници од општинската администрација дискутираа на трите еднодневни работилница што во периодот 23-25 јуни, 2026 година, во Велес, ги организираа: ЗЕЛС, Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ. Беа поканети по двајца претставници од секоја општина, одговорни за образование или лица кои учествуваат во тимот за спроведување на оптимизацијата во општината и одзивот беше на високо ниво.

Пред присутните беа изнесени податоци од МОН кои укажуваат на досегашно непочитување на законските одредби за формирање на паралелка од најмалку 20 ученици што во континуитет предизвикало да се создадат ,,вишок на паралелки“ во голем број училишта. Исто така беше укажано и на незаконско формирање на централно училиште без обезбедување на законскиот минимум од по две паралелки во секое ниво, односно со најмалку 18 паралелки. Според анализите на МОН бројот на вакви паралелки во некои општини достигнува вишок од 80, па и повеќе паралелки што повлекло ангажирање на поголем број на наставен кадар од објективно потребниот. Тоа пак предизвикува процентот од блок дотацијата во голем број општини да се троши на плати на наставници, а според анализите на МОН во 10 општини 100% од овие средствата се трошат исклучиво за оваа намена, а во најголем број од останатите општини изнесува повеќе од 80% или 90%. Годишна заштеда од укинување на една паралелка според изнесените пресметки се движи од а 1.392.302 денари за одделенска настава и 1.662,061 денари за предметна настава . И сето тоа не довело до подобрување на образовните способности на учениците, бидејќи просечно на единаесет деца имаме еден наставник . Напротив според меѓународните истражувања имаме ниски резултати кај нашите ученици, односно со девет години настава тие се стекнуваат со знаења како да поминале седум години. Во таа насока се и заложбите на МОН за подобрување на квалитетот на наставата и објективно искористување на средствата за оваа намена преку новата формула за распределба, што се имплементира од 1 јануари 2026 година, која нужно повлекува и квалитетно оптимизирање на училишната мрежа.
Па така општините треба до МОН да достават предлог -план за оптимизација на училишната мрежа за прво и шесто одделение, што треба да биде одобрен од Министерството. Во таа насока беше организирана и оваа работилница на која интерактивно се дискутираше за чекорите за изработка на оптимизацискиот план на општината, каде беа изнесени детално чекорите на подготовка за оптимизација, формирање на тимови, разгледување на сите можни опции за подобрување на квалитетот на наставата и слично. Беше посочено да се води грижа квалитетниот и искусен наставен кадар да се искористи во насока на подобрување на квалитетот на наставата. Во таа насока дел од наставниците може да бидат вклучени во дневен престој или организирање на дополнителна настава или друг вид на наставни активности. Онаму, каде нема потреба за трансформирање на работните места, најчесто поради континуираното намалување на децата, тоа да не се прави. Да им се понуди можноста за доброволно пријавување за образовни асистенти, при што не го губат статусот на наставник, ниту постојната плата, како и можноста по една година, доколку се создадат услови, повторно да се вратат како наставници. Исто така беше предложено оние наставници кои веќе имаат квалификации од претходниот период, за работа во градинка, да се искористат во детските установи на општината каде немаат доволно вакви лица. Во овој процес беше нагласена и можноста општината секоја година да направи соодветна реонизација на училиштата на своја територија, но беше предложена и можноста за обезбедување на сопствен превоз преку јавни комунални претпријатија. Беа изнесени добри примери на значителна заштеда кај оние општини кои обезбедиле сопствен превоз, а меѓу нив е и примерот на меѓу-општинска соработка на трите општини: Битола, Новаци и Долнени. Беше посочено дека МОН, преку УНИЦЕФ дава и конкретна непосредна поддршка на 35 општини, но дека во пресрет им се излегува и на оние општини што не се влезени во програмата, а изразуваат потреба за тоа.
Бурни реакции од општините
Претставниците на локалната власт револтирано реагираа на ,,резот“, што МОН го постави во еден толку краток период да се направи сериозна реорганизација во училишната мрежа која се очекува неминовно да предизвика социјални и политички реперкусии. Беше нагласено дека и во изминатиот период МОН имало можност да им укаже на општините за непочитување на законските одредби, но тоа не било сторено во ниту една општина, напротив биле поддржани бројни вработувања и трансформации на работните места. Посочија дека се затекнати од овој пристап, особено во овој период кога државата се соочува со постојано иселување и намалување на бројот на децата да се укинуваат училишта и паралелки, бидејќи начесто такви паралелки ги има во ридско планински подрачја и во подрачја каде се користат повеќе јазици во наставата. Нагласено беше дека голем број од нетрансформирани работни места, некаде и со повеќе од пет години работно искуство во оваа дејност е токму заради непредвидливоста на уписот на деца во следната година, а сега треба тие наставници да останат без работа. Бројни реакции имаше и во делот на превозот, односно дека општините години наназад укажуваат дека постојат здружувања во тендерски набавки кај превозници, но не е ништо преземено, и досега нема никаква поддршка со возила или други средства за оваа намена. Голем број општини од свои средства издвојуваат за набавка на возила, но се соочуваат со законски пречки доколку за тоа немаат формирано јавно претпријатие кое би било пак дополнителен трошок за нив. Тие нагласија дека една ваква реформа мора да оди постепено во одреден подолг период и со силна контрола од централната власт, но и со фер и подеднаков третман за сите општини. Претставниците од општините предложија дека во предлог планот за оптимизација што ќе го достават до МОН, ќе достават издржани образложенија за оние места каде сметаат дека не може да укинат паралелка со мал број ученици и дека очекуваат разбирање за таквите состојби. При тоа присутните беа информирани и дека МОН апсолутно ги има предвидено и ваквите моменти и во самата формула утврдила „заштитени училишта“ но и категоризација на финансирање, според опрема, оддалеченост, површина, број на училници, греење и слично.
Формирање на општински центри за поддршка и пилотирање на модел на проширена програма
На оваа работилница присутните беа информирани и за законската обврска на општината да формира Центар за поддршка на учењето за децата со попреченост во основното образование . Тоа не е посебно тело и треба да се формира во најсоодветно училиште како составен дел од неговата организација, но е во функција на децата од сите училишта на општината бидејќи неговата цел е да обезбеди функционален и одржлив модел на поддршка. Беа објаснети сите чекори за негово формирање, услови и начин на работа.
Исто така присутните се запознаа дека преку проектот на МОН за унапредување на основно образование, што се реализира со средства од Светска банка, ќе може да аплицираат за имплементирање на модел за проширена програма во две одделенија од основно образование од дваесет пилот училишта. Станува збор за спроведување на програма како дополнување на редовната настава заради образовен поттик за децата. Во јавниот повик што се очекува да биде објавен наскоро ќе бидат изнесени и конкретни критериум за аплицирање, а избраните дваесет училишта ќе добијат околу 10.000 евра за имплементирање на програмата.



