Подготвен новиот број Гласило на ЗЕЛС
Во текот на месец јуни, ЗЕЛС реализираше низа активности. Генералното собрание на ЗЕЛС ја одржа втората седница на која беа усвоени значајни документи од финансиското работење на Заедницата, а беа изнесени и реализираните активности во минатата година, како и идните планови. Во овој период, делегати од ЗЕЛС учествуваа на 25-тата седница во Брисел на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на региони на Европската Унија, а претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, се обрати на пленарната сесија на „Денови на проширување“ – настан што традиционално го организира Комитетот на региони на Европската Унија. На работилницата за развивање и имплементација на планови за одржлива урбана мобилност, што се одржа во просториите на ЗЕЛС, присуствуваа: заменик-министерот на Владата на РСМ и министер за транспорт, заменик-министрите за внатрешни работи и за локална самоуправа, како и директорката на Канцеларијата на Светска банка за Северна Македонија и Косово. Беше нагласена заемната соработка за реализирање на инфраструктурни проекти и беше најавена набавка на 49 мултифункционални возила и опрема за одржување хигиена на патиштата, што ќе им бидат доделени на неколку поголеми општини.
Во овој период како најактуелен предизвик на локалната власт беше укажувањето од МОН за спроведување на оптимизација на училишната мрежа за 1. и 6. одделение, за што беше повикана министерката на МОН на дискусија во ЗЕЛС, заедно со членовите на Комисијата за образование. Како поддршка на општините за изработка на вакви планови, ЗЕЛС, заедно со МОН и УНИЦЕФ, во периодот од 23 до 25 јуни 2026 година во Велес, организираше три еднодневни работилници. ЗЕЛС им даде поддршка и на регионалните средби за утврдување на предлог-решенија за измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните.
Активности беа преземани и во однос на социјалната политика и во таа насока ЗЕЛС, НАЛАС и ГИЗ ја организираа и спроведоа првата онлајн инфосесија за заинтересираните општини и даватели на социјални услуги, кандидати за апликација на отворениот повик од Програмата за јакнење на капацитетите на општините за унапредување на социо-економското учество на жени и девојки од ранливи категории, а на 12 јуни 2026 година, ЗЕЛС и Комисијата за заштита и спречување на дискриминација потпишаа Меморандум за соработка. Во овој период седница одржа и Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на општините, каде за претседател во овој мандат беше избрана градоначалничката на Неготино, Марија Нацева. За овие и други теми подетално ќе може да прочитате во овој број на Гласило на ЗЕЛС.
ЗЕЛС Гласило ЈУНИ 2026