Започнуваат активности на АХВ во општините за обезбедување на мерливи податоци поврзани со состојбата на бездомните кучиња и нивниот хуман третман

 

Членовите на координативните работни групи од секој од осумте плански региони, формирани од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во следните неколку месеци во сите општини во земјава ќе спроведуваат низа активности поврзани со утврдување на состојбите за обезбедување на благосостојба на животните, со акцент на бездомните кучиња. Во таа насока на 14. јули, 2026 година во АХВ беше одржан состанок на кој присуствува претставници од овие координативни регионални работни групи со цел да бидат запознаени со обврските што треба да ги реализираат на терен. Истовремено на состанокот се дискутираше и за  попрецизно утврдување на мерливи индикатори што ќе бидат неопходни за поставување на основата на подготовката на претстојната Националната стратегија за благосостојба на животните. На овој состанок на работната група на АХВ присуствуваше и претставникот од ЗЕЛС.

Во работните групи се застапени претставници од општините, комунални инспектори, ветеринари, активисти од областа на заштита на животните и други релевантни лица кои врз основа на бројни прашалници треба да ги утврдат постојните состојби и да  обезбедат мерливи податоци поврзани со популацијата на кучиња на ниво на поединечни општини во регионите, кои понатаму ќе овозможат активно поврзување на АХВ, општините,  ветеринарите, активистите за заштита на животните и останатите институции при нивното делување поврзано со справувањето со бездомните животни, пред се кучињата.

Нагласено беше дека само со заедничка активност е можно надминување на сегашната ситуација во која се наоѓа општеството со справувањето со популацијата на бездомни животни, а како опција преку кои тоа би се овозможило беа посочени новите измените на Законот за благосостијба на животните, кои се во фаза на изготвување, со  кои покасно ќе биде овозможено преку подзаконски акти јасно да се определат обврските на општинските комунални инспектори, ветеринарите, згрижувачите на животни, на вработените во престојувалиштата и на останатите институции вклучени во  решавањето на состојбата со бездомнте кучиња, а покасно и мачиња,  но и определување на чекори за отворање и условите за сместување на животните во урбаните средини, згрижувачките домови, престојувалишта, пансионите/ хотелите за животни.  

На состанокот се разговараше за потребата од јасно разграничување на поимите бездомни кучиња и сопственички кучиња, со посебен осврт на обврските на сопствениците на кучињата за нивно чипирање, стерилизација/кастрирање, со оглед на тоа што на претходните средби по регионите беше даден податок дека 80% од сопственичките кучиња не се чипирани и истите кога би се нашле на јавна површина и би предизвикале штета, се сметаат за бездомни кучиња и сопственост и одговорност на општината.

Доколку сопствениците на кучиња би одлучиле да се регистрираат како одгледувачници за кучиња во тој случај се дискутираше за јасното одредување на сопствеништвото на новите легла на кучиња, казните за негрижа на животните, превентивата за заштита на животните како и начинот на отуѓувањето , продажбата и извозот на кучињата.