Општините и ЈКП се запознаа со користењето на националниот систем Е-Фактура во рамките на тест фазата за негово имплементирање
Во рамки на проектот за воведување на националниот систем е-Фактура, ЗЕЛС во соработка со Управата за јавни приходи (УЈП) на 30 јули, 2026 година организира онлајн работилница за претставници од општините и од јавните комунални претпријатија(ЈКП) на која беа презентирани функционалностите на овој систем и начинот на неговото користење. Овој настан предизвика голем интерес, и беа присутни околу 80 претставници од општините и ЈКП и претставува дел од тест -фазата за користење на Е -фактура . По донесувањето на законските прописи, имплементирањето на Е-фактура ќе биде спроведено во целата земја и задолжително за корисниците. Тимот на УЈП, преку бесплатната ВЕБ апликација за користење на системот Е-фактура, освен што ги запозна присутните детално со низа постапки за неговото правилно користење, исто така одговараше на повеќе поставени прашања. Беше нагласено општините и ЈКП што помасовно да пристапат кон тестирање на овој систем со цел да навремено да достават свои сугестии и предлози во насока на поедноставување на процесите и обезбедување на негова поголема ефикасност. Кај присутните посебно внимание предизвика дилемата околу можностите за испраќање на масовни фактури од страна на ЈКП кон граѓаните; потоа можностите за интегрирање на сегашните системи што ги користат одредени општини и ЈКП со системот Е-фактура, односно нивно поврзување; како и можностите за користењето на постојните валидни сертифицирани потписи на корисниците. Беа посочени одредени одговори и во таа насока уште еднаш беше апелирано до присутните што помасовно да се вклучат во тестирањето на системот и да ги изнесат предизвиците со кои ќе се соочат. За подобра комуникација со тимот на УЈП беше побарано општините и ЈКП кои досега не доставиле контакт лице, тоа да го направат што поскоро.
Пред одржувањето на оваа работилница ЗЕЛС до сите општини и ЈКП испрати прашалник, подготвен од тимот на УЈП, кој требаше да се одговори до 29 јули, 2026 година. Меѓу повеќето поставени прашања што првенствено треба да обезбедат целосен увид во деловните и техничките процеси на досегашниот начин на издавање на фактури од општините и ЈКП беа и прашањата: колку фактури издаваат месечно општината или ЈКП, колку од нив се кон физички лица а колку кон правни субјекти;, како досега ги издавале фактурите: преку ERP систем, сопствен софтвер за фактурирање, комерцијален софтвер, рачно и друго. Исто така требаше да одговорат дали започнале со тестирање на системот Е фактура и дали тоа го прават преку веб -апликацијата или со АПИ интеграции. Анализата на одговорите ќе послужат системот да биде прилагоден на реалните потреби на институциите и претпријатијата, особено на оние што издаваат голем број фактури. Претставниците од УЈП нагласија дека оваа обука има особено значење бидејќи јавните претпријатија претставуваат значаен сегмент од јавниот сектор и се меѓу најголемите издавачи на фактури во државата. Нивната навремена подготовка и активно вклучување во процесот се од клучно значење за успешната имплементација на системот е-Фактура и за обезбедување непречен премин кон целосно електронско фактурирање.
Претставниците од тимот на УЈП посочија дека во оваа пилот-фаза тестирањето може да го спроведат преку: директна интеграција на системот е-фактура со деловните информациски системи на корисникот преку АPI интерфејс или преку ВЕБ апликација. Беше посочено дека во овој момент се тестираат повеќе функционалности на системот е-фактура, како што се креирање, прием, валидација, преземање, прифаќање, одбивање и сторнирање на е-фактура. Се тестираат повеќе типови на документи и даночни индикатори, при што во следниот период се планира постепено зголемување на опфатот на тестирањето до целосно вклучување на сите процеси, сите даночни индикатори и сите типови на документи. На крајот од работилницата беа посочени и достапни платформи за цели на тестирањето :
- Потребната документација достапна на линкот: https://efakturawiki.ujp.gov.mk
- Регистрација и доделување на привилегии за користење на системот е-фактура на линкот: https://eujptest.ujp.gov.mk/ureg
- На тест платформата за е-фактура https://efakturatest.ujp.gov.mk овластеното лице се најавува и регистрира валиден квалификуван сертификат
- Контакт мејл за поддршка: Kontakt.eFaktura@ujp.gov.mk на кој може да се достават сите прашања и предлози кои произлегле од тестирањето


