Информативна средба за општините за успешно аплицирање на јавниот повик за проширување на просторните капацитети за децата од предучилишна возраст
На иницијатива на ЗЕЛС и во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ) на 24 август, 2026 година, во Клубот на пратеници, беше организирана информативна средба за градоначалниците и претставницте од локалната власт, за разјаснување на сите дилеми поврзани со јавниот повик за аплицирање на општините за добивање на средства за проширување на капацитети на установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст преку реновирање/адаптација и опремување на неискористени училишни/општински простории и нивно пренаменување во групи во други просторни услови. Повикот беше објавен на 18 јули, 2026 година од страна на МСПДМ во рамките на Вториот Проект за развој на социјални услуги: Компонента 2, а општините може да аплицираат најдоцна до 30 септември, 2026 година.

Пред присутните се обрати министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски кој посочи дека целта на овој повик е да се даде поддршка на општините да обезбедат повеќе просторни услови за згрижување на поголем број деца од предучилишна возраст и деца во градинките, надвор од објектите, односно катастарските парцели на постојните градинки. За средства за реконструкција на постојните објекти /градинки беше посочена можноста за палицирање за средства од Годишната програма за 2027 година, на ова Министерството. Министерот Велковски ја искористи можноста да апелира до општините и за забрзување на спроведувањето на обврските од Законот за младинско учество во делот на формирањето на соодветни органи и тела како и обезбедувањето на соодветни докумети поврзани со оваа област. Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ во своето обраќање на овој настан се задржа на иницијативата на ЗЕЛС за отпочнување на процес на децентрализација на социјалните услуги, бидејќи општините се тие каде граѓаните секојдневно се обраќаат за потребите од социјална поддршка или обебедување на разновидни социјални услуги. Таа нагласи дека оваа заложба на ЗЕЛС во изминатиот период интензивно се дискутираше во највисоките тела и органи на Заедницата, а информирано беше и МСПДМ, кое беше запознаено и со анализите што ги обезбеди ЗЕЛС што ја потврдија оправданоста за ваквите барања. Таа изрази надеж дека наскоро ЗЕЛС и МСПДМ ќе започнат взаемни интензивни дискусии и на оваа тема и нагласи дека пренесувањето на оваа надлежност задолжително треба да се спроведе и со префрлување на соодветни финасиски средства на општините .
На средбата беше изнесено дека 48% од децата засега немаат пристап до претшколското образование и дека овој повик и поддршка за општините е еден од чекорите за подобрувае на оваа состојба во земјава. Во претходен повик се обезбедени 2.500 места во 16 урбани и 5 рурални општини и дека ќе се направат напори вакви активности да продолжат и во иднина. Беше нагласено дека овој грант ќе опфати проектирање, изградба, надзор и опремување на просториите што ќе ги понудат општините а кои се во согласност со условите на јавниот повик и сето тоа ќе биде реализирано од страна на МСПДМ. При аплицирањето општините треба да обезбедат елаборат со нумерички податоци за понудената локација на проектот , како и имотен лист со која се потврдува дека просториите се во сопственост на општината или на Република Северна Македонија (РСМ). Доколку просториите се во сопственост на РСМ општината треба да поднесе изјава дека ќе отпочне постапка за добивање согласност за трајно користење на објектот/просториите и согласноста ќе биде услов за потпишување на Договор за грант. По реализација на проектните активности утврдени се и обврските на општината во однос на одржувањето на објектот/инфраструктрата, обезбедување на комунално поврзување, плаќање на тековните сметки за комуналии, обезбедување на адекватно екипирање на новите предучилишни занимални како и останатите трошоци поврзани со функционирањето на објектот како и запишувањето на објектот во Катастар на недвижности и неговото отворање во употреба.
На средбата беа поставени повеќе прашања меѓу кои дали општината може да поднесе повеќе апликации што беше потврдено, а беше нагласен и предизикот не само на просторните услови, туку и за недостатокот на кадри (негователи и воспитувачи) како и на недобивањето на одобрувања за нови вработувања и во услови на заминување во пензија. Од министерството нагласија дека се свесни за овој предизвик и посочија дека досега обезбедиле согласности за 900 вработувања, што не е доволно па затоа прават напори тоа да се подобри. Во таа насока беше укажано дека се разговара и со МОН каде во услови на започнат процес на оптимизација на училишната мрежа, да се обезбеди доквалификување на кадри кои од основните училишта би преминае во градинките со нивна согласност. Како предизвик за руралните општини, кои поради економска неисплатливост од формирање на правен субјект/градинка поради малиот број деца, а заради континуираното иселување, беше советувано, при аплицирањето да се искористи можноста од меѓуопштинска соработка со најблиската општина во која има ваква јавна установа. При тоа беа изнесени неколку постојни примери врз основа на меѓуопштинска соработка.
На крајот од средбата министерот Велковски уште еднаш ги потсети општините што поскоро да формираат Локален совет за млади, Канцеларија за млади, да обезбедат младински советник како и Стратегија за млади и Акциски план бидејќи засега оваа законска обврска ја спровеле мал број на општини, а е многу важен дел во напорите за зачувување на населението во земјата, како и за новите можности за аплицирање за средства од разни европски и други фондови за оваа намена.




