Одржана петта седница на Управниот одбор на ЗЕЛС
Управниот одбор на ЗЕЛС на 25 септември, 2026 година, во административната зграда на ЗЕЛС ја одржа петтата седница. Присутните започнаа со дискусии по пристигнатите иницијативи доставени од неколку општини што се однесуваа на: предизвиците во противпожарната заштита; преиспитување на регулативата за управување со станбените згради во делот на тековното одржување на заедничките инсталации и предизвици поврзани со влијанието на измените во Правилникот за урбанистичко планирање во делот на можностите за урбанизирање со урбанистички проект вон опфат на урбанистички план. Исто така беа разгледани и двете иницијативи за: склучување на меморандум за соработка со Државна изборна комисија и за склучување на меморандум за соработка со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и Министерството за социјална политика, демографија и млади. На дневен ред беше ставено и барањето пристигнато од Стопанска комора на Македонија за одржување на заеднички состанок на кој ќе се разгледува комуналната такса за општините што произлегува при регистрација на возилата. Присутните членови на Управниот одбор го проширија дневниот ред со дополнителни актуелни предизвици на локалната власт, меѓу кои: за недостаток на кадри во градинките поради недобивање на согласност од страна на надлежното министерство; за недостаток на средства во средното образование; за непостоењето на утврдени процедури по кои треба да постапува општината при доставен налог за закопување на животните при одредени епидемии. На седницата беше презентиран и заклучок што го донесе Комисијата за урбанизам во однос на прашањето за регулирањето на постапката за поставување на опрема на забавни паркови.

Дел од општините се соочуваат со намалена наменската дотација за противпожарна заштита
Општина Пробиштип се обрати до ЗЕЛС укажувајќи дека по доставениот допис од Министерството за финансии за дополнување на насоките на подготовка на буџетите на ЕЛС биле известени дека наменската дотација за противпожарна заштита за 2026 година драстично е намалена поради што настанува огромен финансиски товар за исплата на платите на пожарникарите што може да го доведе во прашање извршувањето на надлежноста за противпожарна заштита. Според критериумите утврдени во Уредбата за методологија за распределба на наменски дотации за плати и распределба на плати и додатоци на плати за вработените во територијалните противпожарни единици средствата за оваа намена се распределуваат според број на вработени во ТППЕ и нивните плати и додатоци на плати. Присутните посочија дека недостатокот на средства во противпожарната заштита е континуиран предизвик и покрај обезбедувањето на дополнителни средства во минатата година и дека ЗЕЛС треба да се спроведе анализа во сите ТППЕ за да се утврди колкав недостаток на средства би имале општините со претстојниот ребаланс. Потоа со утврдените податоци тројца претставници од Управниот одбор на ЗЕЛС : градоначалниците на Струмица, Штип и Македонска Каменица да остварат средба министрите за одбрана и за финансии на која истите ќе бидат презентирани во насока на изнаоѓање на најсоодветни взаемни решенија.
Барање за преиспитување на формирањето на цените за управување со станбени згради и тековното одржување на заедничките инсталации
Општина Штип во име на своите инспектори за домување покрена до ЗЕЛС иницијатива за поведување постапка пред Регулаторна комисија за домување за преиспитување на формирањето на цените за управување со станбени згради и тековно одржување на заедничките инсталации. Во барањето се посочува дека при инспекциските постапки се констатира незадоволства кај станарите во однос на начинот на формирањето на цените на надоместоците што ги наплатуваат управителите, како и во однос на обемот на опфатените услуги. Особено внимание е забележано кај тековното одржување на заедничките водоводни и канализациони инсталации во зградите, каде во пракса се јавуваат различни толкувања за обврските на управителите и начинот на обезбедување и финансирање на овие активности. Во таа насока општината предлага да се преиспита методологијата за утврдување на цени на услуги на управителите; да се појаснат критериуми за услугите што се опфатени со надоместокот за управување; да се прецизираат обврските околу тековното одржување на заедничките канализациони и водоводни инсталации како и да се обезбеди унифицирана примена на прописите на територија на сите општини. Присутните ја прифатија иницијативата дополнувајќи ја и со нови предлози на специфицирање не само на обврските на управителите, туку и на утврдување на ситуации за одземање на лиценца, но исто така посочија дека треба да се утврдат и обврски што треба да ги имаат и станарите, па беа посочени предизвиците во однос на реновирање на фасадите, обврска за ПП апарати, дератизација на станбениот објект и слично. Беше заклучено да се формира работна група составена од градоначалниците на општините: Аеродром, Центар, Штип, Охрид, Македонска Каменица, која ќе оствари работна средба со Министерот за транспорт и со регулаторна комисија за домување дополнително ќе утврди предлог -решение кое ќе биде иницијатива за покренување на законски измени.
Прифатена иницијативата за измени на Правилникот за урбанистичко планирање
Општина Гази Баба достави до Управниот одбор на ЗЕЛС иницијатива за преиспитување на измените во Правилникот за урбанистичко планирање (Службен весник на РСМ 241/15) во член 79, во насока да се врати можност за урбанизација со урбанистички проект вон опфат на урбанистички план, со основна класа на намена А4.3 -семејни куќи за времен престој- викенд куќи со најмногу три (3) станбени единици. Присутните истакнаа дека ова претставува сериозна стагнација на урбанизацијата во руралните општини, но и во другите општини што имаат рурални средини во својот состав. Тие посочија дека навистина е потребно да се утврди соодветно решение со кое ќе им се излезе во пресрет на жителите, но посочија дека треба да се води грижа и за евентуални несакани злоупотреби. Во таа насока беше утврдена работна група составена од градоначалниците на Гази Баба, Сопиште, Ново Село, Маврово -Ростуше и Охрид кои остварат средба со министерот за транспорт а утврдените заклучоци ќе ги изнесат пред Управниот одбор на ЗЕЛС за дополнителна дискусија.
Отворена дискусија околу комуналната такса од технички преглед на возилата што се уплаќа за општините
Членовите на Управниот одбор го разгледаа и барањето од Стопанска комора на Македонија, од Групација на овластени правни лица за вршење на технички преглед и испитување на возила, кои побараа одржување на заедничка работна средба со претставници од ЗЕЛС во насока на изнаоѓање на најсоодветни решенија за иницирање на измени во Законот за комунални такси. Тие укажуваат на двојбеност во толкување на одредени одредби, особено по донесување на новиот Закон за возила, каде е овозможено регистрирањето на возилото да се врши во било кој дел од државата, независно од местото на живеење на сопственикот на возилото. Предизвикот настанува околу уплатата на комуналната такса за општините што ја врши овластено правно лице на чие подрачје е направен техничкиот преглед, бидејќи многу општини немаат објавено ценовник или советот на општината не утврдил цена и воедно укажуваа на целисходноста за унифицирање на оваа такса за сите општини. Од страна на СКМ посочуваат и на потребата за внесување на поголем број категории на возила кои засега ги нема на листата. Присутните беа информирани дека ЗЕЛС веќе испрати допис со барање општините да се произнесат дали нивниот Совет има донесено одлука за оваа намена и колку средства досега собираат годишно по овој основ, но бројот на пристигнати одговори бил мал .Членовите на Управниот одбор ја задолжи администрацијата на ЗЕЛС да подготви предлог -тарифник на овој вид на комунална такса и да го достави на мислење до Управниот одбор повторно ќе го стави ова прашање на дневен ред на следна седница.
Прифатени иницијативите за случување на два нови меморандуми за соработка
На седницата беа разгледани и иницијативи за склучување на меморандум за соработка меѓу ЗЕЛС и Државната изборна комисија и меморандум за соработка меѓу ЗЕЛС, Националниот младински совет на Македонија – НМСМ и Министерството за социјална политика, демографија и млади. Присутните нагласија дека ќе се пристапи кон потпишување на истите во следниот период. Сепак беше нагласено дека претходно раководството на ЗЕЛС треба да се состане со претставници од ДИК каде ќе биде поставено и прашањето за исплаќањето на средствата за членовите на изборните комисии во изборните процеси на локалната власт.
Отворена и дискусија за дополнителни актуелни предизвици на локалната власт
На седницата присутните беа запознаени и со заклучокот што произлезе од втората седница на Комисијата за урбанизам во однос на прашањето за утврдување на стандардите за безбедноста на забавните паркови и игралишта. Беше изготвен предлог -текст од страна на Општина Аеродром каде се поставени општи стандарди за поставување на забавни паркови и игралишта и потребната процедура и документација. При тоа беше нагласено дека особено се водело грижа за превентивно отстранување на можни ризици по корисниците, па затоа се утврдени обврските за задолжително осигурување од трети лица што треба да го приложи барателот, задолжителен атест за реквизитите што се употребуваат, обезбедување на паркинг простор; изјава од организаторот, а истиот беше дополнет и со потребата за утврдување на упатство или информација до граѓаните од можни ризици и сертифицираност на лицата кои управуваат со опремата, односно реквизитите, пристапност за лица со попречености и слично Присутните го поздравија предлогот и донесоа заклучок да се испрати до сите општини на мислење, по што би се испратил како препорака за донесување на правилник од страна на советите на сите општини.
Пред присутните беше изнесен и предизвикот што го имаат голем број општини со недостаток на кадар за градинките поради недобивање на согласност од страна на надлежното министерство. Беше укажано дека има општини кои имаат просторни услови и опремени училници, но немаат негователи и воспитувачи во градинките и не добиваат согласност дури и за старо финансирање, Но исто така беше посочено и дека многу општини се соочуваат и со недостаток на такви профили во општината па многу конкурси им завршуваат нереализирани. Беше заклучено да се договори средба со министерот за социјална политика, демографија и млади и да се разговара во насока на изнаоѓање на соодветни решенија.
Беше потенцирано и прашањето околу недостатокот на законска основа за формирањето на правни субјекти од страна на општините за производство и продажба на електрична енергија произведена од обновливи извори на енергија. Беше посочено дека ова прашање е дискутирано во изминатиот период со регулаторна комисија и со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, но дека се уште нема конкретни показатели. Управниот одбор донесе заклучок да се повика министерката за енергетика и претседателот на регулаторна комисија на следна седница на УО на ЗЕЛС, кога прецизно би се говорело за разрешување и на ова прашање.
Како предизвик беше изнесена и состојбата во одреден број на општини каде имало помор или еутаназија на животни зафатени од одредена епидемија, кога од страна на инспекциски служби на АХВ се задолжува општината да обезбеди локација и да го спроведе закопувањето на животните. Засега не постои законска регулатива или правилник со кој се утврдува дека ова е обврска на општината, ниту за тоа се обезбедени соодветни средства, но исто така нема ниту утврден протокол по кој би се спроведувала целокупната постапка. Беше заклучено дека ова е сериозно прашање кое треба да се дискутира со претставници од АХВ и со Министерството за земјоделство за што треба да се договори заеднички состанок.
На крајот од состанокот беше апелирано општините во што покус рок да дадат мислење за Предлог законот за измени и дополнување на Законот за лобирање, бидејќи има одредени одредби кои сериозно се однесуваат на активности на локалната власт и градоначалниците.



