ЗЕЛС, НМСМ и МСПДМ потпишаа Меморандум за соработка за управување и развој на Мрежата на службеници за млади
ЗЕЛС, Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и Министерството за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ) потпишаа Меморандумот за соработка за управување и развој на Мрежата на службеници за млади. Со овој документ и формално се потврдува заедничката посветеност кон создавање одржлив механизам за професионална поддршка и унапредување на работата со млади на локално ниво. Меморандумот го потпишаа претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски и Мариана Ангелова, генерален секретар на НМСМ. Потпишувањето беше организирано на 1 октомври, 2026 година во ,,М6 едукативен центар“ во Скопје, во рамките на средбата за вмрежување и партнерство на локално младинско учество што ја организираше Националниот младински совет на Македонија, а на која учествуваа службениците за млади од општините и по еден претставник од Локалниот младински совет од оние општини што имаат формирано вакво тело.

-,,Секој млад човек со идеја, знаење и желба да придонесе заслужува институции што ќе го слушнат и ќе го поддржат. Наша одговорност е да создадеме услови во кои младите ќе можат да го остварат својот потенцијал и со увереност да ја градат својата иднина тука, дома. Во нас имате соговорници и партнери. Вашата енергија заслужува поддршка, вашиот труд заслужува можност, а вашиот глас заслужува да влијае врз одлуките. Сакаме заедно да создадеме повеќе причини да останете и да успеете во земјата како и повеќе причини за оние што заминале, повторно да ја препознаат својата можност во Македонија.“- ова го истакна претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски во своето обраќање пред присутните. Тој упати честитки до НМСМ за иницијативата и посочи дека како градоначалник е особено задоволен кога младите се вклучуваат, предлагаат и со својата креативност придонесуваат во создавањето на поубав живот за сите. Задачата на градоначалниците е да отворат простор, да ги охрабрат и да им помогнат на младите во остварувањето на она што го замислиле. Исто така, Ѓеорѓиевски нагласи дека како претседател на ЗЕЛС ќе се залага искуствата што ги има ЗЕЛС во досегашното градење на мрежи на службеници од повеќе области од надлежност на општините, безрезервно да бидат споделени и со членовите на оваа мрежа.
Иницијативата за потпишување на овој Меморандум беше едногласно поддржан и од Управниот одбор на ЗЕЛС, на петта седница. Целта е локалната власт уште повеќе да се посвети на поддршката на младите и на креирањето и реализирањето на младинските политики, преку идентификување на предизвиците на младите и формирање и поддршка на работата на локалните младински собранија и локалните младински совети, утврдени согласно Законот за младинско учество и младински политики. Во таа насока Мрежата на службеници за млади кои работат на локално ниво ќе претставува платформа за меѓусебно поврзување на овие лица за подобра размената на искуства и информации; споделување на практики и ресурси; заедничко иницирање активности во интерес на младите и подобрување на координацијата со релевантните институции.
На настанот, пред присутните се обрати и министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски кој нагласи дека потпишувањето на Меморандумот нема да претставува само формален чин, туку е поттик за натамошна засилена взаемна соработка на локалната и централната власт со другите организации на остварување на идеи и предлози на младите. За имплементирањето на обврски на локалната власт утврдени во Закон за младинско учество и младински политики говореше Мариана Ангелова, генерален секретар на НМСМ. Таа говореше за резултатите од мониторирањето што го спровел НМСМ за 2025 година, при што посочи дека 57општини имаат поставено службеник за млади; во 14 општини се формирани локални младински совети; младински центри има во 13 општини, а 17 општини имаат изработено стратегија за млади. Таа меѓу другото говореше и за улогата на службеникот за млади во локалната власт кој треба да го поттикне учеството на младите во локалната заедница и да иницира формирање на законски утврдените тела. Исто така службеникот за млади треба својата улога да ја разбере како мост, меѓу младите и општината, да ги информира младите за она што од нивните идеи и залагање се спроведуваат или се планира да ги спроведе општината, но и да и помогне на општината да ги вклучи младите во градење на младински и други локални политики. Ангелова нагласи дека мрежата ќе добие силна поддршка преку соодветни обуки и ќе овозможи размена на искуствата на младите од различни региони и општини кои истовремено треба да добијат поддршка и од локалната и од централната власт.



