Комисијата за урбанизам дискутираше за утврдување на стандардите за безбедноста на забавните паркови и игралишта

Комисијата за урбанизам при ЗЕЛС на 25 септември, 2026 година во просториите на Заедницата ја одржа втората седница на која се дискутираше за потребата од утврдување на стандардите за безбедност и постапката на донесување на соодветна дозвола за поставување на забавен парк. Во таа насока претседателот на оваа комисија, градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, пред присутните членови го презентираше предлог-текстот што го изработи Општина Аеродром  како основа за дискусија на членовите на ова тело при ЗЕЛС.  Тој нагласи дека за оваа намена се користени решенијата  што ги има утврдено Општина Куманово и дека се надградени во одредени делови заради подобрување. Предлог -текстот опфаќа општи стандарди за поставување на забавен парк; локација на која може да се додели привремено/краткотрајно поставување на опремата; времетраењето на настанот;  обврската за обезбедување на паркинг места и слично. А во вториот дел е утврдена самата процедура за поставување на опремата за забавен парк; приложување на потребни документи; надлежни сектори во општината за овие активности и утврдување на надоместокот за општината. 

Беше нагласено дека во изготвувањето на предлог правилникот приоритет била грижата за превентивно отстранување на можните ризици по корисниците,  па затоа се утврдени обврски за задолжително осигурување од трети лица што треба да го приложи барателот; доставување на задолжителен атест за реквизитите што се употребуваат; обезбедување на паркинг простор за возилата на посетителите ; задолжителна изјава од организаторот и друго. Од присутните на состанокот беше нагласена и потребата за утврдување на информација за можни ризици за посетителите и истата да биде поставена на видливо место, а беше предложено и лицата кои управуваат со реквизитите да имаат сертификат за управување со истите. Беше посочена и потребата за обезбедување на соодветен пристап за лицата со попречености и слично. Членовите на комисијата се сложија дека овој предлог треба да биде разгледан и од страна на Управниот одбор со цел негово дополнување или утврдување на понатамошни чекори .