Средба на претставници од ЗЕЛС со делегацијата на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа
Градоначалници од ЗЕЛС, кои се делегати во Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа и претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, на 6 октомври, 2026 година, во административната зграда на Заедницата имаа заедничка средба со членовите на делегацијата на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа. Оваа средба се реализира во рамките на редовниот мониторинг што го врши Советот на Европа за спроведувањето на обврските на нашата земја, преземени со потпишувањето и ратификувањето на Европската повелба на локална самоуправа, што оваа година беше закажан за периодот од 6 до 8 октомври, 2026 година. Главната цел на овие посети е да се подготви и ажурира извештај за состојбата на локалната и регионалната демократија во Република Северна Македонија.

На средбата присуствуваа: градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков; Соња Стаменкова, градоначалник на Општина Македонска Каменица и Бети Стаменкоска – Трајкоска, градоначалник на општина Кисела Вода кои се избрани од Управниот одбор на ЗЕЛС како делегати во Советот на Европа од ЗЕЛС, како и заменик делeгатите од ЗЕЛС: Фисник Мела, градоначалник на Општина Дебар и Марија Нацева, градоначалник на Општина Неготино . Пред присутните се обрати претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски, кој ја поздрави делегацијата на Советот на Европа , составена од ко-известувачи – членови на Конгресот: Андерс Кнапе од Шведска (L, EPP/CCE) и Матијас Гисин од Швајцарија (L, ILDG) потпомогнати од експертот Ивета Реинхолде, член на Групата на независни експерти за Европската повелба за локална самоуправа и од Секретаријатот на Конгресот.
Беа дискутирани низа прашања за напредокот на локалната власт и развојот на децентрализацијата во нашата земја во периодот од последниот спроведен мониторинг од Советот на Европа во 2021 година до денес. Нагласено беше дека има подобрување во делот на зголемување на финансиските средства од распределбата на средствата од ДДВ и од персоналниот данок, дека општините во период од последните две години добија голема финансиска поддршка од централната власт за подобрување на инфраструктурни проекти на локално ниво< дека е склучен нов Меморандум за соработка меѓу Владата и ЗЕЛС и дека во голем процент е подобрена соработката со владините институции и со министерствата што се важни за општините. Исто така беше нагласено дека во собраниска процедура се и измените на Законот за локална самоуправа каде се предвидува можноста за отповикување на функцијата на градоначалник, што досега немаше ваков законски основ; како и можноста за формирање на општинска комунална полиција долгогодишно барање на ЗЕЛС. Беше посочено дека собирањето на данокот на имот, како сопствен приход на општините е приоритетна активност во повеќе општини. Некои општини веќе започнале и со репроценка на основицата за оданочување на објектите што ќе обезбеди дополнителни средства во општинскиот буџет, но и со поажурно евидентирање. Во таа насока беше посочено дека позитивни сигнали има и во однос на барањето на локалните власти за обезбедување на електронски систем за собирање на данокот на имот, кој како единствен за сите општини и поврзан со важните институции, во голем процент би го забрзал и подобрил целиов овој неопходен зафат во полза на локалната власт. Нагласени беа и чекорите што одредени општини ги прават во подобрување на квалитетот на општинската администрација, наспроти квантитетот, преку реорганизација и во општинските комунални претпријатија. Беа изнесени предизвиците со недостаток на одредени кадри: како инжењери, урбанисти, информатичари и инспектори и дека се работи и на консолидирање на овие предизвици преку одредени стимулации за овие професии.
Она што претставниците од ЗЕЛС го нагласија како важни чекори за следниот период е обезбедувањето на поголема децентрализација и префрлање на нови надлежности особено во делот на социјалните услуги, но и придвижување на процесот кон трета фаза на фискална децентрализација. Тоа се значајни прашања за кои се подготвуваат анализи во однос на тоа дали тоа би било целисходно доколку одеднаш сите општини преминат во следна фаза или само за одредени општини што покажуваат добра основа за тоа. Беше нагласени и заложбите на ЗЕЛС за обезбедување на побрзи и ефикасни процедури во донесувањето на детални урбанистички планови, процеси што се многу скапи и долготрајни за општините.
Интересот на известувачите одеше и во насока дали општините имаат самостојност во донесување и спроведување на одлуките или имаат голем притисок и мониторинг од централната власт ; за можностите за позајмување на локалната власт од банките или други институции; потоа за вклученоста на граѓаните и транспарентноста на општините, но и за степенот на подготвеност за спроведување на европските активности во насока на климатски промени и праведна транзиција.
На крајот од состанокот и двете страни изразија задоволство од средбата и искрениот дијалог. Претставниците на делегацијата на Конгресот нагласија дека забележале во ЗЕЛС силна организација на локалните власти која успешно може да ги застапува интересите на општините кои се единствени во однос на барањата за подобрување на состојбите. Претставниците на ЗЕЛС изразија надеж за обезбедување на објективен извештај за напредокот на состојбите во локалната власт во нашата земја и за ефикасноста на препораките што известувачите ќе му ги достават на Советот на Европа



