Подготвен новиот број на Гласило на ЗЕЛС
Во новиот број на Гласило на ЗЕЛС се изнесени повеќе теми што во изминатиот период беа покренати и дискутирани од страна на органите и телата на ЗЕЛС, како и повеќе активности за поддршка на работата на општинската администрација. ЗЕЛС во соработка со Управата за јавни приходи (УЈП), во рамките на тест-фазата за имплементирање на претстојниот национален систем Е-фактура, организираше онлајн работилница за правилно користење на системот. Локалните власти и комуналните претпријатија беа охрабрени што помасовно да пристапат кон тестирање на системот, да ги изнесат своите сугестии и предлози за поедноставување на процесите и обезбедување негова поголема ефикасност.
На иницијатива на ЗЕЛС и во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ), во Клубот на пратеници во Скопје, беше организирана информативна средба за градоначалниците, поврзана со јавниот повик за аплицирање на општините за добивање средства за проширување на капацитетите на установите за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст. ЗЕЛС секогаш активно се вклучува и во реализација на регионалните проекти. Во септември, официјално ги започна активностите од проектот „Мостови на инклузија“ што го спроведуваат асоцијациите на локалните власти и општини од Западен Балкан заедно со НАЛАС. Беше организиран онлајн курсот „LNOB социјално мапирање и креирање политики засновани на докази“, наменет за претставниците од општините.
Во овој период, Управниот одбор на ЗЕЛС ја одржа петтата седница на која се дискутираше за повеќе иницијативи од општините меѓу кои за: предизвиците во противпожарната заштита; преиспитување на регулативата за управување со станбените згради во однос на тековното одржување на заедничките инсталации, како и за предизвиците поврзани со влијанието на измените во Правилникот за урбанистичко планирање, кои се однесуваат на можностите за урбанизирање со урбанистички проект вон опфат на урбанистичкиот план. Се поведе и дискусија за барањето од Стопанска комора на Македонија околу комуналната такса за општините, што произлегува при регистрација на возилата. Присутните дискутираа и за дополнителните актуелни предизвици на локалната власт, меѓу кои: недостатокот на кадри во градинките поради недобивање согласност од надлежното министерство; недостатокот на средства во образованието; непостоењето на утврдени процедури според кои треба да постапува општината при справување со угинати или евтаназирани животни, при одредени епидемии и друго. Пред Управниот одбор беше презентиран и предлог-текстот на Комисијата за урбанизам при ЗЕЛС за утврдување на стандардите за безбедност и постапката на донесување соодветна дозвола за поставување на забавен парк. Во насока на заедничката посветеност кон создавање одржлив механизам за професионална поддршка и унапредување на работата со млади на локално ниво, ЗЕЛС ја прифати иницијативата и заедно со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и МСПДМ потпиша Меморандум за соработка за управување и развој на Мрежата на службеници за млади.
ЗЕЛС Гласило ЈУЛИ-СЕПТЕМВРИ 2026