Средба на претставници на ЗЕЛС со претставници на министерството за одбрана
Согласно заклучокот на Управниот одбор на ЗЕЛС, на состанокот одржан на 25 септември 2025 година, стручните служби побараа средба со министерството за одбрана,Целта на состанокот беше да се пронајдат решенија за проблемите со помалку финансиски средства, кои ги добиваат општините со наменската дотација за исплата на плати на вработените во противпожарните единици во општините во Македонија. Дел од општините, а такви се многу, имаат проблем со блокирани сметки, па сега со намалената блок дотација од последниот ребаланс на буџет, имаат голем проблем како да ги исплатат пожарникарите.
Речиси и да нема општина која нема проблем со исплата на пожарникарските плати и надоместоци и тоа е пренесено на државната секретарка на МО, како и на другите три претставника од министерството.
Од страна на ЗЕЛС учество земаа градоначалниците на Штип, Струмица и Пробиштип, кои детално ја опишаа состојбата и проблемите со кои се соочуваат.
Претставниците на министерството за одбрана информираа дека редовно се среќаваат со градоначалници кои ги искажуваат своите проблеми и бараат решенија, но искажаа и незадоволство од тоа како се делат и пресметуваат платите на пожарникарите, наведувајќи го примерот дека во одредени општини просечно исплатена плата на пожарникарите е 120 000 па и 130 000 денари, додека во други општини таа едвај достига до 60 000 денари. Побараа од ЗЕЛС да се направи воедначување во сите општини и да не се дозволи во некои општини секретарките и други личности од кабинетот на градоначалникот, да се пријавуваат како да работат во противпожарната единица. Тие исто така ни обрнаа внимание дека треба да се внимава и на начинот на кој се пресметуваат платите и дека треба да се почитуваат одредбите од законот и подзаконските акти, каде е јасно наведено дека платата на пожарникарот се пресметува како 20% поголема од соодветната плата на вработен во администрацијата на општината.
ЗЕЛС излезе со предлог, усвоен на седница на Управниот одбор, колку би требала да добие во проценти секоја општина согласно бројот на вработени во противпожарните единици, во согласност со Закон. Начелно претставниците на министерството за одбрана се сложија со тој предлог.
Нашето второ барање се однесуваше на измена на методологијата за пресметка на платите на пожарникарите и допрецизирање како општините да го пресметаат тоа на соодветен начин, кој би бил исправен и еднаков за сите. Одговорот беше дека не се во можност тоа да го сторат сега, но дека се изработува нов закон за пожарникарство и дека ќе се обидат тоа да го вметнат и во новиот закон.
Како трето прашање беше поставено прашањето поврзано со наплата на услуги на општините кои немаат пожарникари, а ги користат услугите на општините кои имаат вакви служби. Иако е тоа како право загарантирано со закон, речиси ниту една помала општина не го плаќа тој надомест, а секој пожар е изгаснат и секогаш се испратени пожарникарите, каде и да било потребно. И за ова прашање рекоа дека ќе гледаат да се доуреди за да им се олесни на општините кои имаат противпожарни единици.