Можни решенија за надминување на предизвиците во функцинирање на предучилишните установи во општините

На средбата меѓу група градоначалници и министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, што се одржа на 19 октомври 2026 година во Министерството, се разговараше за клучните предизвици со кои се соочуваат предучилишните установи во општините. На состанокот присуствуваа градоначалниците Иван Јорданов од Штип, Дејан Проданоски од Прилеп, Дејан Митески од Аеродром, Горан Герасимовски од Центар, како и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ.

Главен акцент беше ставен на недостигот од кадар во градинките, особено поради долгите процедури и недобивањето согласности за пополнување на испразнетите работни места. Овој предизвик беше разгледуван и на последната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, по што беше иницирана средбата со ресорното министерство. Предлогот на ЗЕЛС е да се измени законот и да се овозможи вработување на кадри, без добивање на согласност од министерствата, а вработувањата да се водат како старо финансирање, слично како што е тоа решено во законите за образование.

Покрај кадровскиот дефицит, градоначалниците укажаа и на потребата од оптимизација на работата на градинките, преку воспоставување усогласени правила и стандарди на национално ниво. Меѓу предложените решенија беа: преземање на вработени од образовниот сектор во средини каде што е утврден вишок кадар, сертификација на дефицитарните профили, рационализација на бројот на правни субјекти што управуваат со градинките, како и воспоставување правичен систем за распределба на вработените според бројот на запишани деца. ЗЕЛС не сака ниту една општина да има вишок, а ниту манјак на вработени и финансиски средства. Нашата заложба е да се воспостави правилен систем на финансирање и вработување и тој да биде согласно на бројот на запишани деца во градинките.

Министерот Велковски истакна дека голем дел од предложените мерки се усогласени со тековните активности на Министерството. Тој посочи дека при отворањето нови градинки приоритет се дава на обезбедување соодветен кадар, со цел да не се продлабочуваат постојните недостатоци. Според него, во изминатите две години биле издадени согласности за вработување на 862 лица и за унапредување на 71 вработен, додека целта е да се достигне бројка од околу 1.700 оптимално потребни работни места во градинките на национално ниво.

Како една од можните системски мерки, министерот го посочи и моделот за преквалификација на наставници од одделенска настава за работа во предучилишни установи. Ова решение, кое се развива во координација со Министерството за образование и наука, предвидува дополнителна стручна обука преку високообразовните институции и, доколку биде усвоено од Владата, би можело да започне со примена во текот на 2027 година. Дополнително, беше најавена подготовка на нова Методологија за распределба на блок-дотациите за градинките. Целта е да се воспостави пофер и поефикасен систем на финансирање, кој ќе ги зема предвид реалните потреби на општините и бројот на запишани деца.

На крајот од средбата беше заклучено дека локалната и централната власт имаат усогласени ставови за најголем дел од предложените решенија и дека нивната заедничка имплементација може значително да придонесе за надминување на актуелните предизвици во функционирањето на предучилишните установи во општините.