Регионален форум на градоначалници -,,Локално лидерство за млади, мир и безбедност- унапредување на Агендата за млади, мир и безбедност во Западен Балкан“

Во Скопје, на 21 и 22 октомври 2026 се одржува дводневниот регионален форум -,,Локално лидерство за млади, мир и безбедност- унапредување на Агендата за млади, мир и безбедност во Западен Балкан“ настан кој се организира во рамки на регионалниот проект „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“ поддржан од Фондот на Генералниот секретар на Обединетите нации за градење мир, а заеднички го спроведуваат УНДП, УНФПА, УНЕСКО и UN Women.  На форумот учествуваат градоначалници, млади лидери, активисти, претставници на локалните власти и на меѓународни организации.

Локалните власти ја има клучната улога во спроведувањето на Резолуцијата 2250 на Советот на безбедност на Обединетите нации кој се однесува на младите, мирот и безбедноста, па оттука и клучните пораки на форумот беа дека гласот на младите во местото каде што живеат не смее да се сведе само на консултации и повремено вклучување во одредени општински активности, дека се неопходни функционални младински совети, поголема поддршка за младинските иницијативи, одвојување на соодветни средства во општинските буџети и механизми што ќе овозможат младите активно да учествуваат во креирањето на локалните политики.

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски како домаќин го отвори овој настан посакувајќи им добредојде на учесниците од регионот, во Градот Скопје, притоа истакнувајќи ја важноста од регионалната соработка во областа на поддршката на младите и нивното вклучување во градење на политики на локално ниво. Тој нагласи дека е привилегија што локалната самоуправа како најблизок столб на власта до граѓаните може директно да ги согледа потребите на младите луѓе. “Како локални власти првенствено треба да обезбедиме соодветни услови за да ги привлечеме и мотивираме, преку институционален пат,  полесно да ги изнесат своите предизвици и идеи и активно и со страст да работат на нивно исполнување. Преку нивното учество во донесување на одлуки и градење на политики што се од директно значење за нивниот развој, ќе обезбедиме подобра иднина и за целата заедница. Заедничкиот фокус треба да ни биде кон создавање на безбедни, инклузивни средини за младите луѓе, каде низ дијалог и социјална кохезија ќе се создава мирен соживот и силни партнерства, со и меѓу младите.  Тој говореше за активностите на општините во исполнувањето на законските обврски, кои во голем дел обезбедуваат 0,1% финансиски средства од општинскиот буџет за младите, имаат назначено младински службеник, формирале локален младински совет, имаат обезбедено младински центри, а дел од нив имаат изработено и стратегија за млади и активно ги поттикнуваат младите во креирањето и донесувањето на значајни одлуки од локално значење. Заложбата на ЗЕЛС за поддршка на младите е потврдена и со неодамна потпишаниот меморандум со Министерството за социјална политика, демографија и млади и Националниот младински совет на Македонија, кога беше формирана и Мрежа за службеници за млади на локално ниво. Поддршката од наша страна е целосна и е во насока да го поттикнеме здружувањето на овие младински службеници, да ги зајакнеме нивните капацитети преку размена на иницијативи, идеи и добри практики и да овозможиме тие да се важна алка меѓу општината, граѓанските асоцијации, институциите и младите”-  нагласи претседателот на ЗЕЛС. 

Соработката помеѓу централната и локалната власт, но и градењето регионални партнерства преку размена на искуства и заеднички иницијативи можат во голема мера да придонесат за унапредување на младинските политики. 

„Младите не треба да бидат само тема на нашите политики, туку активни партнери во нивното создавање. Република Северна Македонија има законска рамка за младинско учество и младински политики. Нашиот предизвик е нејзина доследна примена, особено на локално ниво. Токму затоа, општините имаат клучна улога Младинските совети, младинските службеници и локалните политики мора да функционираат во пракса, со конкретни активности и соодветна буџетска поддршка“, истакна Ѓоко Велковски, министер за социјална политика, демографија и млади.

Претставниците на УНДП и на Обединетите нации порачаа дека на нив треба да се гледа како на партнери и креатори на решенија, особено во контекст на глобалната Агенда за млади, мир и безбедност. 

„Младите имаат идеи, енергија и искрена желба да направат позитивни промени. Она што често им недостасува е некој да ги слушне, да ги сфати сериозно и да им даде можност да делуваат. Токму на тоа работиме во УНДП. Го поддржавме изготвувањето на Националната стратегија за млади, обучивме повеќе од 40 службеници за млади, поддржавме пет локални младински совети и десет иницијативи предводени од млади, и овозможивме директен дијалог меѓу младите и носителите на одлуки на локално ниво“, изјави Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.

„Обединетите нации им помагаат на општините да ги интегрираат принципите на Агендата за млади, мир и безбедност при развојот и спроведувањето на локалните стратегии. Одржливоста на овие заложби зависи од буџетите и активностите на локалните и националните власти, како и напорите на граѓанското општество да им овозможи на младите да бидат вклучени и да имаат поголемо влијание“, рече Рита Колумбија, постојан координатор на ОН во Северна Македонија. 

Во рамки на форумот беа доделени регионални признанија на пет општини кои успешно спроведоа иницијативи поврзани со младинска вклученост. Општина Боговиње доби признание за развивање партнерства, Ѓирокастра за придонес кон побезбедни заедници, Липјан за градење мир, Тузла за создавање инклузивна иднина, а Обреновац за зајакнување на гласот на младите. „Петте локални шампиони за млади, мир и безбедност се доказ дека младите луѓе можат да придонесат нивните заедници да бидат побезбедни, поинклузивни и поповрзани. Преку НАЛАС и нашите членки, сакаме да помогнеме што повеќе општини да учат од овие примери и да им дадат на младите значајна улога во креирањето на локалните одлуки“, изјави Келменд Зајази, извршен директор на НАЛАС.

ЗЕЛС упатува искрени честитки до Општина Боговиње за признанието „Локален шампион“ во категоријата „Партнерства“ со која се истакнува за соработката на општината со младите и со другите локални чинители, како и активната улога на Младинскиот совет во спроведувањето иницијативи што поттикнуваат соработка и поврзување во локалната заедница.