Градоначалници и општинска администрација ги разгледаа индикаторите за следење на локалната димензија на Реформската агенда

Во рамки на иницијативата LORAI (Локална опсерваторија за спроведување на реформската агенда), се одржа состанок на фокус група со градоначалници, членови на Комисијата за финансирање на ЗЕЛС, и претставници на општинска администрација, членови на мрежите за човечки ресурси, енергетска ефикасност и дигитализација на ЗЕЛС, посветена на улогата на локалните власти во спроведувањето и следењето на Реформската агенда.

На средбата беа разгледани наодите и заклучоците од регионалната Почетна студија на LORAI, како и предложените пет регионални и пет национални индикатори за следење на локалната димензија на Реформската агенда. Учесниците се согласија предложените индикатори да послужат како основа за понатамошно методолошко доразработување, особено во однос на изворите на податоци, опфатот и категориите што ќе се следат.

Во дискусијата посебно внимание беше посветено на реализацијата на општинските капитални инвестиции, финансиските предизвици, недостигот од стручни кадри, енергетската ефикасност и дигитализацијата на општинските услуги и внатрешните административни процеси.

Беше истакната потребата индикаторите да се засноваат на достапни и споредливи податоци и да овозможат реална процена на капацитетите и предизвиците со кои се соочуваат општините во спроведувањето на реформите.

Работата ќе продолжи преку три тематски фокус групи посветени на финансиите, јавната администрација и професионалните капацитети, како и енергетската ефикасност и дигитализацијата. Нивната задача ќе биде понатамошно доразработување на индикаторите и утврдување на методолошките пристапи за нивно следење.

Преку учеството во процесот LORAI, ЗЕЛС придонесува кон подобро препознавање на улогата на локалните власти во спроведувањето на реформите и кон позиционирање на локалните власти и развивање пристап за следење што ги зема предвид реалните услови и потреби на општините во рамки на реформската агенда.

ЗЕЛС е партнер во регионалниот проект (ЛОРАИ) што се спроведува во Западен Балкан, во соработка со Европската унија, Советот на Европа и НАЛАС.