Средба на градоначалници со министерката за образование и наука во просториите на ЗЕЛС

Градоначалниците на општините:  Дебар, Струмица, Свети Николе, Центар,  Прилеп и Штип, членови на работната група што ја утврди Управниот одбор на ЗЕЛС на петтата седница, имаа средба со министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Средбата беше организира на 30 октомври, 2026 година во административната зграда на ЗЕЛС на која се дискутираше за  предизвиците што ги имаат општините околу недостатокот на средства од блок дотациите што се однесуваат за покривање на трошоците за превоз на учениците во средните училишта; за  исплата на платите за наставниците  и недостаток на средства за оперативни трошоци на за училиштата. 

Министерката посочи дека децидно утврдена законска обврска за надоместување на трошоците на општините за превозот на учениците  не постои и дека треба да следат натамошни заеднички дискусии околу изнаоѓање на издржани алтернативи, за кои можеби ќе треба да се покренат и законски измени. Како најдобра алтернатива беа нагласени можностите за поддршка на обезбедувањето на линиски превоз што ќе го обезбедат општините, за што би требало да следат и разговори со Министерството за транспорт околу одобрување на  трасите . Произлезе и предлог за распределување на трошоците за превоз на средношколците не само на општината во која се наоѓа училиштето, туку и  за општините од каде доаѓаат учениците, а беше дискутирано и за можноста да Советот на општината утврди реална цена за  дневен превоз  по ученик, според место на живеење до училиштето, која ќе се исплаќа на родителите, но и да се изнајде можност централната власт да ги утврди тие цени, со што би се  сузбила сегашната состојба на договарање на превозниците при распишување на овие тендери. Беше посочено дека ова прашање ќе се разгледува на следната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, по што заклучокот ќе се достави до Министерството за образование и наука на разгледување.

Исто така беше нагласено околу десетина општини, па и повеќе се соочуваат со недостиг на средства за исплата на плати на вработените, за што министерката нагласи дека со примената на новата формула за блок дотации, општините треба сериозно да се зафатат и со спроведување на оптимизација на училишната мрежа и на наставниот кадар. Јаневска повтори дека оваа мерка не се спроведува во доволна мера, односно дека сеуште има околу 2.800 наставници кои се вишок како и  1.250  вишок паралелки. Посочи дека ќе се направат напори ниту еден наставник да не остане без плата, но апелираше за посериозен пристап кон реализирањето на оптимизација на училишните мрежи, заради што досега МОН не издава согласности за вработувања ,а запрени се и трансформациите на работните места.

Беше заклучено дека соработката на ЗЕЛС и МОН се во добра насока и секогаш во полза на учениците и развој на образовниот процес и дека овие средби може да се зачестат доколку има потреба за утврдување на најоптимални решенија за сите.

.