Еднаквоста започнува на локално ниво- работилница посветена на интегрирање на пристапот заснован на човекови права на локално ниво

Во организација на ЗЕЛС и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во административната зграда на Заедницата, на 30 октомври, 2026 година беше одржана работилница за координатори/ки за родова еднаквост од општините. Работилницата беше посветена на промовирање на превенција за недискриминација; запознавање на општините со механизмите за заштита од дискриминација и улогата на КСЗД; акцентирање на постојните законски одредби од оваа област и развивање на взаемна соработка и размена на искуства меѓу општините и на ова поле.

Пред присутните се обрати Барбара Лигл, лидерка на Компонента 4, од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ во чии рамки беше организирана и оваа работилница, која нагласи дека активностите се во насока на исполнување на задачата на секоја институција, а тоа е човековите права од ветување да се пренесат во пракса, односно во секојдневниот живот да се обезбеди добросостојба на сите граѓани подеднакво. Превентивните активности и запознавањето на граѓаните за можностите за остварување на заштита на своите права, но и запознавање на институциите каде најчесто се можностите за предизвикување на дискриминација, исто така е дел од целиот процес на овој проект.

Активности на ЗЕЛС за поддршка на општините  во областа на родова еднаквост и заштита на правата на граѓаните

На работилницата беа изнесени и досегашните активности на ЗЕЛС во делот на поддршката што им ја дава на општините во делот на запазување на родова еднаквост; родово одговорно буџетирање  и интегрирање на родовата еднаквост во управување со отпад. Поддршката на координаторите за родова еднаквост во општините и на комисиите за родова еднаквост составени од општински советници е од особена важност за превенирање и на дискриминација. Беше нагласена и важноста на Стратегија за родова еднаквост на ЗЕЛС за период 2018-2030; Прирачникот за комуникации за координаторите; Методологијата за интегрирање на родова перспектива во управување со отпад; воспоставувањето на платформа www.rob.zels.org.mk за размена на информации како и соработка во делот на менторската поддршка на повеќе општини за креирање на политики за женско претприемништво. Нагласена беше и улогата на ЗЕЛС во креирање на политики на централно ниво со учество на претставници од ЗЕЛС во повеќе национални тела, а беше нагласена и улогата на формираната Лоби група за родова еднаквост на ЗЕЛС , составена од градоначалници и градоначалнички. Важноста на Лоби групата е во  можноста да лобира за обезбедување на поголема родова еднаквост и недискриминација во повисоките тела и органи на државата. Потенцирано беше и значењето на Европската повелба за родова еднаквост, усвоена од Советот на европски општини и региони  во 2007 година, со додадени нови 9 члена во 2023 година. Дваесет и три општини од нашата земја се потписнички на Повелбата што не е доволно, затоа беше апелирано поголем број општини да ја разгледаат и да ја потпишат. Како поле на кое во иднина треба да се посвети поголемо внимание беше посочено работењето на обезбедување на родово поделени податоци , бидејќи тие претставуваат основа за креирање на сите понатамошни политики за родова еднаквост и заштита од дискриминација на локално и на централно ниво.

Што е еднаквост, а што дискриминација!

Според член 4 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, еднаквоста е начело според кое сите луѓе се рамноправни, односно изедначени во уживањето и остварувањето на сите права и слободи.  Дискриминацијата, пак, утврдена во член 6 од овој Закон е дефинирана како  секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или не сторување, што имаат за цел или резултат спречување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Дискриминацијата или нееднаквото постапување, најчесто произлегува од предрасуди и стереотипи и подразбира правење негативни разлики помеѓу луѓето поради нивните лични карактеристики. 

Едукација и превенција за поефикасно спречување и заштита од дискриминација 

Претседателот на КСЗД, Душан Томшиќ, пред присутните говореше  за елементите на дискриминацијата, карактеристиките, дискриминаторскиот основ како и најчестите области на дискриминација, при што посочи неколку : работа и работни обврски; образование; социјална сигурност, инвалидско осигурување и здравство; правосудство;  домување;  пристап до добра и друго.  Како најчести  претставки што ги добиваат од граѓаните против локалната власт се однесуваат на неколку области, а особено:  вода и канализација (пристап до чиста вода и основна комунална инфраструктура; потоа, домување и урбанизам (урбанистички планови, легализација и услови во населбите)  и во областа на јавните услуги (осветлување, отпад, улици и нееднаква достапност). Томшиќ посочи дека Комисијата често се соочува со институции кои ненамерно предизвикале дискриминација, односно не препознале дека сториле дискриминација со своето постапување или непостапување. Во таа насока беше нагласена потребата за едукација на вработените во институции во оваа област, односно преземање на што повеќе превентивни активности, а заложбата на Комисијата е остварување на што повеќе регионални и општински посети со едукативни средби. На работилницата  од страна на Комисијата беа посочени и  повеќе примери на општини, каде по доставено мислење од страна на КСДЗ или извршени разговори, веднаш биле преземени мерки за отстранување на дискриминаторските дејствија, посочувајќи ги ако непрепознаени и ненамерни. Беше нагласена и се позачестена појава на виктимизација, вид на дискриминација, односно трпење на штетни последици на граѓани поради преземање дејства за заштита од дискриминација, како што е пријавување на дискриминација, сведочење за сторена дискриминација и слично.

Воспоставениот ресурсен центар (kszd-rc.mk)

Присутните се запознаа и со воспоставениот ресурсен центар (kszd-rc.mk),што претставува бесплатна платформа каде сите заинтересирани може да се запознаат со низа законски документи од областа на спречување и заштита на дискриминација;  судски практики од оваа област,  како и  бројни материјали што може да помогнат во препознавање на можни ризици од дискриминација. Овој ресурсен центар може да се користи и за размена на добри практики, но и поставување на низа анализи и извештаи од оваа област од разни институции.

Презентирани чекорите за поднесување на претставка  

Присутните имаа можност да се запознаат и со постапката за поднесување на претставка од секој  граѓанин кога некое право е повредено или е жртва на нефер однесување заради некоја негова лична карактеристика, во рок од шест месеци од дознавањето на актот на дискриминацијата или најдоцна една година од денот кога била сторена повредата. Законскиот рок за постапување на КСЗД е 60 дена од поднесувањето, кога на седница ја утврдува фактичката состојба и со мнозинство гласови носи мислење со кое одлучува дали има или нема дискриминација.

На крајот од состанокот беше договорено дека воспоставената соработка на ЗЕЛС и КСЗД,  која беше потврдена и со потпишување на меморандум за соработка во јуни, оваа година, ќе се продлабочува, во интерес на општините и дека во целиот процес на заштита од дискриминација особено важно е обезбедување на превентивни чекори, бидејќи како што беше нагласувано во текот на работилницата - еднаквоста  започнува на локално ниво.