Во организација на ЗЕЛС, во Скопје, се одржа 26 состанок на ЗКК

Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК) ја одржа 26 седница на 4 ноември, 2026 година, во Скопје. Станува збор за мошне важен настан на локалната власт во нашата земја во насока на подготовка за спроведување на обврските што произлегуваат за членство во ЕУ; интензивирање на соработката меѓу македонските градоначалници и советници со нивните колеги од земјите членки на ЕУ и промовирање на напредокот на земјата во делот на децентрализацијата и локалниот развој. ЗКК е воспоставен уште во 2008 година, со цел да ја подготвува основата за проширување на ЕУ преку унапредување на политичкиот дијалог на локалните власти и го сочинуваат вкупно 22 делегати, по 11 делегати од двете страни, при што се избираат и нивни заменици, сите од редовите на градоначалници и советници. Седници се одржуваат два пати во годината, еднаш во нашата земја, друг пат во Брисел, а со телото заседаваат двајца ко-претседавачи, по еден од двете страни. Состанокот  опфати две теми, од кои традиционално, првата е посветена на развојот на процесот на пристапување на нашата земја во ЕУ. Втората тема на овој состанок беше  посветена на  јавните набавки со излагања на домашни и странски претставници. За овој состанок беше обезбеден и директен ,,стриминг“, односно пренос во живо на седницата и во Комитетот на региони на ЕУ.

-„Како домаќини на овој состанок на ЗКК ви посакуваме топло добредојде и убав престој во нашиот главен град и во нашата земја и се надевам дека и на овој состанок ќе се стекнеме со нови, конкретни и корисни искуства што ќе ни послужат да продолжиме да градиме успешни локални политики што се во согласност со стандардите на Европската Унија, јакнењето на процесот на децентрализација на власта и јакнење на капацитетите на општинската администрација за имплементирање и примена на европското законодавство. Изминатите 18 години од нашата взаемна соработка со воспоставувањето на ЗКК, мислам дека навистина станавме многу посвесни за огромната улога што ја има локалната власт во целиот процес на зачленувањето на една земја во европското семејство, но и потоа, првенствено поради тоа што повеќе од 70% од ратификуваните закони се имплементираат на локално ниво и сите тие се однесуваат на задоволување на најсуштествените потреби на нашите граѓани. Преку ваквите состаноци и размена на искуства, станавме похрабри и во изнесувањето на нашите барања пред централната влас, посочувајќи на низа примери како тоа е решено во другите земји во Европа и во регионот“. Ова го истакна претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски во своето воведно обраќање  пред делегатите на ЗКК, во улога на домаќин и на ко-претседавач на ова тело. Тој говореше и за предизвиците со кои се соочува локалната самоуправа во нашата земја, особено во делот на финансиската самостојност, но и за напредок и за соработката со централната власт. Посочи дека општините поинтензивно работат на собирањето на сопствените приходи, особено во делот на собирањето на данок на имот, но и на други прашања кои обезбедуваат подобрување на квалитетот на живот на граѓани.

„Развојот на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ“- прва тема за дискусија 

Во однос на првата тема на седницата, претседателот на ЗЕЛС потенцира дека нашата земја никогаш не покажала дилема околу членството во Унијата и дека уште од далечната 2004 година, кога пред 22 години е поднесено официјално барање за членство во Унијата. По појавувањето на одредени препреки со јужниот сосед, а потоа и со источниот, и по првата меѓу-владина конференција во 2022 година, сеуште за нашата земја и официјално не се отворени претпристапните преговори. Тој апелираше до европските делегати на ЗКК да ни дадат силна поддршка и кај политичкото поднебје во своите земји, а особено поддршка и лобирање во рамките на Комитетот на регионите и во другите тела на Европската Унија, а подоцна на седницата накратко ги изнесе и предлозите од нашата земја што и се упатени до  Унијата за деблокирање на претпристапниот процес кон ЕУ.  

Дека процесот на проширување на Европската Унија треба да биде заснован на реформи и заслуги се согласи и ко-претседавачот  Иван Гулан, градоначалник на Општина Пировац, ( Хрватска) но додаде дека билатералните спорови не треба да бидат пречка за ниедна земја кандидат на тој пат. Целта не треба да биде самото членство во Европските Унија, туку процесот на достигнување и исполнување на европските стандарди кои се темелат на почитување на правото, јакнење на демократија, еднаквост и други човечки права и вредности . Слично гледиште изнесе и генералниот секретар на  Конгресот на локалните и регионалните власти при Советот на Европа,  Метју Мори, кој пред присутните се обрати онлајн и ја потенцира важноста на Планот за раст на Западен Балкан  каде со исполнување на одредени обврски, земјите добиваат финансиска поддршка со цел граѓаните да ги почувствуваат бенефитите  и пред членство во Унијата. Пред присутните се обрати и заменик министерот за локална самоуправа, Ерџан Селими кој говореше за напредок на нашата земја во реформските активности, но и за поддршката што Владата и ја дава на локалната власт особено во делот на финансии за инфраструктурни проекти ,како и на полето на јакнење на капацитетите на општините со воспоставување на ресурсниот центр. Тој ја нагласи и полезност од средствата од меѓу-гранична соработка што особено придонесуваат и за продлабочување на соработката со општините од соседните земји и од земјите од европското семејство. На состанокот свое излагање имаше и Роберта Кортезе, раководител на Економскиот оддел при Делегацијата на ЕУ во нашата земја. Делегатите на  ЗКК  развија богата дискусија на оваа тема каде ги  посочуваа свои искуства на патот кон Унијата.

Поголема флексибилност во правилата за спроведување на јавните набавки 

Во однос на втората тема која се однесуваше за јавни набавки, онлајн излагања имаа  Лусија Мартинез Лоренцо и Марија Искиердо Еранц, од единицата за јавни набавки, при одделот на Европската комисија што е одговорен за политиките на ЕУ кои се однесуваат на внатрешниот пазар, индустриската конкурентност, иновациите и малите и средните претпријатија. Тие ги информираа присутните за реформите и изготвените измени на  Директивите за јавни набавки од 2014 година на Европската комисија, што се веќе ставени во консултативен процес. За потребата од нужни промени во јавните набавки говореше и Алберто Чирио од Европскиот комитет на регионите, претседавач со Комисијата за економски и монетарни прашања (ECON Commission), кој ги посочи нови приоритети, со оглед на големите промени што во светски размени се случуваат последните неколку години. За состојбата и организираноста на нашата земја во однос на спроведувањето и мониторингот на јавните набавки говореше Марија Богева Мицовска, директорка на Бирото за јавни набавки на Северна Македонија. Таа го посочи електронскиот систем на јавни набавки што е во функција од 2009 година и предностите што тој ги нуди, особено при анализирањето на состојбите, детектирањето и предупредувањето. Делегатите изнесоа свои примери и се согласија за важноста за најекономично трошење на парите на граѓаните , на потребата од  примена на подеднакви правила и процедури , обезбедување на конкурентност, но и на транспарентност на процесот, но дека сепак треба да се води грижа и за динамиката со која треба да се реализираат проектите на терен. Забелешки имаше и во делот на досегашниот главен критериум за најниска цена, за која беа согласни дека треба да  остане во минатото. Беше  изнесени и искуствата на  Хрватска, каде без јавна набавка може да се купат производи до 50 илјади евра и да се обебедат услуги до 100 илјади евра.  Следната седница на ЗКК, 27 по ред,  треба да се одржи во Брисел, Белгија.