Комисијата за следење на системот за финансирање на општините ги одобри уредбите за распределба на средствата за блок дотации за образование и за социјална заштита за 2027 година
Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на општините на 5 ноември, 2026 година, во административната зграда на ЗЕЛС ја одржа 55 седница на која беа разгледани и усвоени предлог уредби за распределба на блок дотации за општините за 2027 година, од областа на образованието и од областа на социјалната заштита. Станува збор за: Предлог – Уредба за методологијата за утврдување на критериуми за распределба на блок дотации за основно образование по општини и градот Скопје за 2027 година и Предлог – Уредба за методологијата за утврдување на критериуми за распределба на блок дотации за средното образование по општини и градот Скопје за 2027 година; Предлог -Уредбата за методологијата за утврдување на критериумите за распределба на блок дотации за јавните установи за деца – детски градинки и центри за ран детски развој за општините и градот Скопје за 2027 година и Предлог -Уредба за утврдување на методологијата за распределба на блок-дотации за јавните установи за социјална заштита – домови за стари лица за општините за 2027 година

Претставниците од Министерството за образование и наука ги образложија предлог-уредбите за основно и за средно образование за следната година и нагласија дека за спроведување на овие надлежности општините за 2027 година ќе добијат помалку за околу 570 милиони денари во однос на минатата година, односно за основното образование се предвидени помалку средства за околу 170 милиони денари, а во средното образование помалку ќе има за околу 400 милиони денари. Најголемо намалување за средното образование е предвидено во блок дотацијата на градот Скопје, со направените измени на Уредбата во делот каде е предвидена густината на населението. Нагласено беше дека за 2027 година од блок дотациите најголем процент, односно во просек околу 90% од блок дотациите за образование ќе одат на плати на наставниците. За да се обезбеди нивно покривање направено е дополнување на член 6 од Уредбата за основно образование, кај прилагодувачката компонента. Дополнувањето гласи : Износот на блок дотација за основно образование за општината пресметана согласно со алинеја 1 и алинеја 2 од ставот (1) на овој член, дополнително се прилагодува, со множење на блок дотацијата за основното образование со просекот од процентуалното учество на општината во вкупните блок дотации за основно образование и процентуалното учество на општината во вкупниот број вработени во основните училишта што се финансираат со блок дотации за основно образование, според евиденцијата на Министерството за образование и наука, со состојба во месец октомври 2026 година.
По исклучок од ограничувањето од 5% утврдено во став (1) алинеја 1 од овој член, се прифаќа и поголемо намалување на блок дотацијата за одделна општина, доколку тоа произлегува од дополнителното прилагодување од ставот (2) од овој член.
Претставниците од МОН нагласија дека изминатите години, а особено пред и по воведувањето на новата формула за распределба на средствата укажувано е на општините да преземат посериозни мерки за спроведување на процесот на оптимизација на училишната мрежа, а за најголем број општини обезбедена е и непосредна поддршка за изработка на планот за оптимизација на училиштата и наставниот кадар. Посочија дека МОН во летниот период доставил и барање до училиштата за соодветно утврдување на бројот на деца во паралелките, согласно закон, со акцент на паралелките од прво и од шесто одделение во насока на постепено и континуирано спроведување на оптимизацијата. Сепак добиените резултатите не биле на потребното ниво. Според евиденциите на МОН присутните беа информирани дека утврдени се општини каде е евидентиран вишок и до 60 паралелки, како и многу други општини каде бројот на деца во паралелките е под законскиот минимум. Ова нема да биде толерирано од МОН во следниот период и заложбите на општините треба да одат во насока на најекономично користење на средствата од блок дотациите од страна на секоја општина.
Претставниците од локалната власт, членови на Комисијата изразија незадоволство бидејќи за следната година, со ваквата формула ќе мораат да одвојуваат значителни средства од својот буџет за оваа намена, што ќе значи дека нема да реализираат други проекти што им ги ветиле на граѓани. Тие посочија дека оптимизацијата на училишната мрежа мора да биде постепен процес, односно дека е потребно време за правилна распределба на вишокот на наставен кадар, според нивните стручни можности, со преквалификување и на доброволна основа, и тоа со префрлање во градинките, потоа како ментори за децата со посебни образовни потреби или упатување на други работни места. Нагласија дека не може математички да се утврдува бројот на деца во една паралелка, особено ако се работи за училишта во помали или селски средини, каде интенцијата е да се задржи, дури и да се врати населението, а не да им се одземаат и најосновните услуги. Посочија и одредени предлози за обезбедување на поголема флексибилност во трошењето на средствата од основно и средно образование со префрлање на сите средства на иста сметка на општината. Потоа беа посочени предизвиците и со покривањето на трошоците за превозот на учениците, каде исто така беа нагласени некои предлози што воедно беа изнесени и на неодамнешната средба на претставници од ЗЕЛС со министерката за образование. Забелешки до МОН беа упатени и заради недозволувањето за отворање на нови струки во средно образование како и недавањето на согласности па дури и за наставници од дефицитарен кадар. Укажано беше дека во следната година со предвиденото зголемување на плати на наставниците што може да дојде до нови отежнувачки околности за локалната власт.
Претседателката на Комисијата, градоначалничката на Општина Неготино, Марија Нацева изнесе повеќе примери од нејзината општина што биле преземени за поекономично искористување на средствата за образование од блок дотациите, и изрази надеж дека во следниот период состојбите на економијата во светот и во земјата ќе се стабилизираа, па општините ќе добијат повеќе средства за спроведување на надлежностите во образованието по што ги предложи двете уредби на гласање.
Повеќе средства за општините за социјална заштита
Претставникот од Министерството за социјална политика, демографија и млади ги презентираше двете предлог- уредби од оваа област и нагласи дека општините за 2027 година ќе добијат повеќе финансиски средства во износ од 150 милиони денари во споредба со минатата година. Сепак и тој нагласи дека најголемиот процент од средствата се за покривање на плати, но дека министерството прави сериозни напори за утврдување на што посоодветна формула која ќе обезбеди повеќе средства за подобрување на квалитетот на социјалните услуги, но и за избегнување на сегашните сложени процедури околу префрлањата на самите средства до општините .
Членовите на Комисијата од редовите на локалната власт се интересираа дали во делот на плати се предвидени и средства за трансформација на работните места на дел од вработените во градинките и другите социјални институции, со оглед на подготовката на ново построго законско решение во оваа област. Беше нагласен недостатокот на кадар во оваа област и оптоварување на постојниот со голем број деца, поради што има и често напуштање на работното место од страна на квалитетни лица. Нагласено беше и недавањето на согласност за вработување па дури и за старо финансирање, при пензионирање или напуштање на работното место, заради што општините и за оваа намена одвојуваат средства од сопствениот буџет. Дискусијата одеше и во насока на укажување дека цената за престој на децата во градинките не е објективна, особено што е на исто ниво речиси дваесет и повеќе години и има потреба за нејзино зголемување. Потоа беше посочена и практиката на родителите за чување на место во градинката и по шест и повеќе месеци, кое се плаќа по симболична цена и попречува згрижување на друго дете. Беше нагласена и состојбата во старечки домови и потребата за поголеми вложувања во оваа област и изградба на нови вакви домови за згрижување. По дискусијата присутните едногласно ги изгласаа и двете уредби од областа на социјална заштита .
.jpg)


