Средба на градоначалници од ЗЕЛС со претседателот на Регулаторната комисија за домување
Градоначалниците на општините Штип и на Македонска Каменица: Соња Стаменкова и Иван Јорданов, кои се дел од петчлената работна група утврдена од Управниот одбор на ЗЕЛС, имаа работна средба со претседателот на Регулаторната комисија за домување, Никола Затуроски. Средбата се одржа на 11 ноември, 2026 година во административната зграда на ЗЕЛС, а беше иницирана по дискусијата на петтата седница на Управниот одбор, на која беа изнесени предизвиците со кои се соочуваат поголем број општини заради незадоволството што го изразуваат нивните граѓани што живеат во станбени згради, од работењето на управителите-фирмите на кои им го доделиле управувањето за одржување на станбениот објект. Беше нагласено дека често се случува управителите да се оградуваат од обврската при поголеми хаварии во станбените објекти, особено во делот на водоводни и други инсталации, па за да се излезе во пресрет на граѓаните, товарот паѓа врз јавните претпријатие на општината, кои интервенираат без надомест, а се со цел да избегнат поголеми штети. Беше посочено прашањето како треба да постапат станарите или општината во такви случаи, особено што се случува често управителите да не одговараат ниту на телефонски повици или пак, бараат од граѓаните дополнителни средства , надвор од средствата што се во резервниот фонд. Укажано беше и на непрецизното дефинирање на прават и обврските на управителите во однос на трошењето на средствата за тековното одржување и од резервниот фонд, и за потребата од регулирана цена за овие услуги за управителите. Посочено беше и на организациската структура во овие правни субјекти и на потребата за попрецизно законско дефинирање во овој дел, споредено со сегашните услови од три вработени лица од кои еден со високо образование и двајца со скратено работно време, каде не е дефинирана ни која потребна струка тие треба да ја имаат. Се случува многу често да ги користат вработените од јавните комунални претпријатија од општините. Претставниците од локалната власт ги пренесоа и останатите предизвици со кои се соочуваат нивните граѓани и во однос на одржувањето на покривите и на фасадите; обезбедувањето и одржување на противпожарните апарати; редовната дератизација и дезинсекција на објектот и друго. Беше нагласена и потребата за усогласување на член 98 од Законот за градење, за тековното и инвестиционо одржување на објектите со Законот за домување.

Претседателот на Регулаторна комисија за домување нагласи дека е запознаен со голем број од овие состојби и дека во рамките на надлежностите на Комисијата постапуваат во утврдувањето на нерегуларностите и евентуалното одземање на лиценцата на управителот. Тој посочи дека досега се одземени околу десетина лиценци и дека активно работат 65 управители во државата, а граѓаните може да проверат на веб страната на Комисија дали нивниот управител има валидна лиценца. При тоа потсети и на ограничените ингеренции на Комисијата за решавање на вакви предизвици и повика на поголема взаемна соработка на општините со Комисијата особено во делот на информирањето и запознавањето на членовите на куќниот совет за нивните законски права во оваа област и на обврските на управителот и на заедницата на сопственици. Исто така, Затуроски потсети дека општините имаат законска обврска да обезбедат инспектор за домување, односно дека засега на територија на државата има вкупно 20 инспектори за домување, што во пракса се покажало како недоволно. Беше упатен и апел да се охрабрат граѓаните да поднесуваат претставки до Комисијата и да ги информираат за одредени состојби со кои се соочуваат во оваа област. Како можни идни дополнувања на Законот за домување што би ги подобриле состојбите беше посочено дека би можело да се однесува на утврдување на нови и попрецизно дефинирани критериуми за добивање на лиценца од страна на управителите, да се изврши јасна категоризација на станбените објекти, како стара градба, нова градба елитни градби која би го олеснила и начинот на тарифирање на услугите, како и ограничување на бројот на станбени единици со кој еден управител со ограничени расположливи услови и човечки ресурси може реално и квалитетно да опслужи поголем број на згради.
Состанокот заврши со ветувања дека соработката ќе продолжи и понатаму, дека претседателот на Регулаторната комисија за домување е подготвен да ја посети секоја општина и да одржи состанок со станарите и да им објасни што можат да добијат со едната или другата опција. Тој рече дека е на располагање на сите општини за комуникација и за дообјаснување на одредени работи од законот, како и за помош во одредени ситуации.


