СОСТАНОК ПОМЕЃУ КОМИСИЈАТА ЗА КОМУНАЛНИ ДЕЈНОСТИ И ЖИВОТНА СРЕДИНА НА ЗЕЛС И УПРАВНИОТ ОДБОР НА АДКОМ
На покана на АДКОМ, Асоцијација на даватели на комунални услуги, дел од членовите на Комисијата за комунални дејности и животна средина отидоа во Маврово на состанок. Состанокот се одржа на 12 ноември и освен 4 члена на нашата Комисија учество земаа и претставници на администрацијата на ЗЕЛС.

Првиот дел на состанокот, на кој и требаше да бидат присутни претставниците на ЗЕЛС, беше посветен токму на проблемите со кои се соочуваат Јавните општински претпријатија и разгледување на начините на кои може да се изнајде решение за побрзо решавање на истите.
Идејата со која АДКОМ излезе е да се направи измена во процедурата на тарифирање на водните услуги, со цел да се скрати времетраењето на целиот процес и да се забрза целата постапка. На овој начин би се избегнал еден чекор а тоа е чекорот кога, по известувањето добиено од Регулаторната комисија за енергетика, конечната одлука за избор на тарифата треба да ја донесе општинскиот Совет.
Членовите на АДКОМ мислат дека е тоа прилично долга процедура, која може да трае до 6 месеци и дека во тие 6 месеци можат да се случат големи промени во цените на енергија , што дефинитивно нив им ја отежнува целата работа и придонесува на лошата финансиска состојба во која веќе се наоѓа поголемиот број од јавните комунални претпријатија.
Одговорот од страна на ЗЕЛС беше дека дефинитивно не се согласуваме со промена на закони со кои би се минимизирала улогата на општинските совети. Членовите на Комисијата за комунални дејности и животна средина ги известија сите присутни дека на една од претходните седници на Управниот одбор на ЗЕЛС, на кој учествуваше, како гостин, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, едногласно се донесе одлука дека не постои наша согласност да се одземе ваква важна надлежност од општинските совети. Како можност за која може да се разговара ја отворивме опцијата да се намали рокот до кога општинските совети треба да дадат свое мислење за тарифите и тој рок од 6 шест месеци, колку е сега утврден во Закон, да се намали на 3 три месеци. Исто така предложивме да се разговара за можноста Регулаторна комисија за енергетика, да ги дава предлозите за граничните вредности на тарифите повеќе од еден пат годишно. Се разбира сите овие предлози треба да се разгледаат и на седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, каде треба да им се даде конечно одобрување.

