Практиката на ЗЕЛС за родово одговорно управување со отпад претставена пред колегите од регионот
На состанокот на Работната група за родова еднаквост на НАЛАС, одржан на 18 и 19 ноември 2026 година во Белград, ЗЕЛС го претстави искуството од примената на Методологијата за интегрирање на родовата перспектива во управувањето со отпад. Методологијата беше приспособена на локалниот контекст и пилотирана во Кавадарци и Крива Паланка. Таа им помогна на општините да ги анализираат потребите на различни групи граѓани и да развијат конкретни и одржливи мерки.

Во Кавадарци беше уредена безбедна и пристапна локација за собирање и селектирање отпад во населбата Марена, која ги подобри условите за околу 400 жители. Во Крива Паланка беше воспоставена „Еко-лабораторија – жива станица за циркуларна економија“, со инфраструктура за селектирање отпад и активности за вклучување на учениците, младите и локалната заедница.
Како клучна научена лекција беше истакнато дека родово одговорното управување со отпад бара соработка меѓу општинското раководство, секторите за финансии и животна средина, координаторите за еднакви можности и јавните комунални претпријатија. Преку ваквиот пристап, родовата еднаквост се преточува во поквалитетни локални услуги, поефикасно користење на ресурсите и решенија што одговараат на реалните потреби на сите граѓани.
Практични решенија во Кавадарци и Крива Паланка
Во руралната населба Марена, Општина Кавадарци воспостави безбедна и пристапна локација за собирање и селектирање отпад. Поставени беа нови контејнери и конструкција „Срце за пластични капачиња“ во близина на локалното училиште, со што во селекцијата на отпад се вклучуваат децата, семејствата и пошироката заедница. Мерката придонесе за подобрување на хигиенските услови и управувањето со отпад за приближно 400 жители, како и за намалување на времето и напорот потребни за одлагање на отпадот од домаќинствата.
Во Општина Крива Паланка беше развиена „Еко-лабораторија – жива станица за циркуларна економија“, која опфаќа модуларен остров за селектирање отпад, едукативни табли со QR-кодови, активности за подигнување на јавната свест и ученички натпревар на тема „Реката не е депонија – твојата одлука прави разлика“. Иницијативата го поттикнува учеството на жените, младите и учениците во заштитата на животната средина и придонесува кон намалување на отпадот во реките Крива и Дурачка.
Соработката меѓу институциите е клучна
Во дискусијата беше нагласено дека успешното интегрирање на родовата перспектива не може да биде обврска само на координаторите за еднакви можности. Потребна е вклученост на раководството на општината, секретарите, секторите за финансии и животна средина, координаторите за еднакви можности, како и јавните комунални претпријатија. Меѓу главните предизвици беа посочени недостигот од родово разделени податоци, ограничените механизми за собирање родово чувствителни информации и тешкотиите при обезбедување технички и оперативни податоци од јавните комунални претпријатија. Затоа, одржливоста на мерките зависи од институционалната посветеност, редовната размена на податоци и континуираната соработка меѓу сите локални чинители.
Регионална размена на искуства
Покрај ЗЕЛС, своето искуство го претстави и Асоцијацијата на општини од Молдавија. Двете асоцијации беа избрани од НАЛАС за спроведување на оваа проектна активност во рамките на проектот „Вклучување на родовата перспектива во испораката на локални услуги низ земјите од Југоисточна Европа преку НАЛАС“. Во рамките на проектот, ЗЕЛС имаше експертска улога во приспособувањето на Методологијата, развивањето студии на случај и алатки за учење, како и во идентификувањето добри практики, меѓу кои и мерките реализирани во Кавадарци и Крива Паланка.
Родово одговорното управување со отпад не е само прашање на животната средина. Тоа е пристап кон добро локално управување што овозможува поквалитетни услуги, поефикасно користење на општинските ресурси, поинклузивни политики и поголема отчетност пред граѓаните. Примената на родова анализа и родово одговорно буџетирање им помага на општините подобро да ги препознаат различните потреби на жените и мажите и да ги преточат заложбите за родова еднаквост во конкретни инвестиции, активности и мерливи резултати.




