Работилница во ЗЕЛС на просветни општински инспектори

Просветните општински инспектори, кои се дел од Мрежата за образование при ЗЕЛС, на 20 ноември, 2026 година имаа работилница во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот. На  работилницата се дискутираше за имплементирањето на новиот Правилник за начинот на изрекување на педагошки мерки за основното образование (Службен весник на РСМ, бр. 149 од 7 јули, 2026 година). Присутните низ студии на случаи  разменуваа искуства за низа постапки   што ги спроведуваат во воспитно-образовните установи во општината и за предизвиците со коишто се соочуваат при примената на Правилникот. Просветните инспектори акцент ставија и на процесите за формирање на Центрите за поддршка на учењето на учениците со попреченост, како обврска на локалната власт, а во согласност со „Упатството со насоки за формирање, организација и работа на Центрите за поддршка на учењето на учениците со попреченост во основното образование“, донесено пред неколку месеци од страна на МОН. Тие  говореа и за одредени делови од законскиот пропис „Нормативи и Стандарди за училишни простории, опрема и наставните средства за основните училишта во РСМ“.

Инспекторите го поздравија носењето на новиот Правилник за начинот на изрекување на педагошки мерки од страна на МОН, бидејќи последниот бил донесен пред 20 години, па голем број училишта биле соочени со обврската сами да донесуваат интерни правилници што  придонело за нееднакво постапување при исти состојби. Тие изразија позитивни реакции во однос на  укинувањето на мерката за префрлање на ученикот во друго училиште поради изречена мерка укор од наставнички совет, заради неговото поведение или отсуство од часови. Нагласено беше дека за изрекување на укор сега се применува временскиот период на изостанување од настава на ученикот, односно ако не посетувал настава најмалку еден месец, а не како досега според вкупниот број на изостанати часови. Присутните укажаа и на потребата за попрецизно дефинирање во постапувањето при констатирање на отсуство на деца кои заедно со семејството заминале привремено во странство на неколку месеци, па потоа повторно се враќаат на настава. Сегашната практика е на тие деца да им се даде можност за полагање на испити по наставните предмети или пак се префрлаат во истото одделение сѐ до наполнување на 16 години,  кога се бришат од евиденција. Во одредени општини беше посочено дека има и по 100 па и повеќе ученици кои се евидентирани по овој основ и истите не посетуваат настава. Инспекторите нагласија  дека сѐ повеќе се соочуваат и со постапувања во ситуации на психичко и физичко насилство во училиштата. Беше укажано дека директорот на училиштето е должен доколку има сознанија или има одредени индиции за сторено вакво дело веднаш да ја извести полицијата, како и другите институции, меѓу кои и општината. Беа посочени и случаи на напади на ученици од страна на кучиња во рамките на самиот училишен двор и постапувањето во такви ситуации. Инспекторите дискутираа и за зачестените доставување на информации до нив од состојби во училишта,  од анонимно лице, преку електронска пошта, но со е-маил адреса со еднократна употреба. Односно, по упатувањето на повратен меил од страна на инспекторот за обезбедување на дополнителни информации се покажува дека адресата е невалидна.  Се разви дискусија како да се постапува во вакви ситуации,  дали да се архивира ваквата дојава, но и за дојавите кои пристигнуваат во архивите на општините, а се доставени од група на родители или граѓани, кадешто има само потписи. Беше укажано на голема претпазливост при постапувањето во вакви ситуации,  но беше нагласена и потребата да им се укаже на службите во архивата на општината при приемот на вакви поднесоци да бараат од подносителот да наведе свои контакт податоци.  Инспекторите говореа и за утврдувањето на „листите за проверка“, кога одат во инспекциски надзор, но и за можноста за посети и постапување по Законот за инспекциски надзор,  а во согласност со месечниот план.

Дискусија за новата регулатива- „Нормативи и Стандарди за училишни простории, опрема и наставните средства за основните училишта во РСМ“

Во текот на работилницата присутните беа информирани за разговорите од неодамнешната средба што ја имаа градоначалници од ЗЕЛС со министерката за образование и наука на која беше нагласено дека следната година општините ќе добијат помалку средсвата од блок дотациите за основно и за средно образование, односно дека околу 90% од  нив ќе бидат наменети за покривање на трошоците за платите на наставниците. Во таа насока беше пренесен и апелот од МОН упатен до општините за нивна поголема ангажираност кон спроведување на оптимизација на училишната мрежа и на наставниот кадар, процес што е непосредно поврзан со формула за финансирање на општините што се применува од минатата година. Беа информирани дека МОН констатирал голем број паралелки што се формирани со помал број на ученици од законскиот дозволен минимум што доведува до непотребно ангажирање на поголем број на наставници. Беше пренесено дека МОН во некои општини  утврдил и до 60 вакви вишок паралелки,  што директно доведува до намалување на средствата од блок дотациите за одржување на училиштата. Во таа насока инспекторите посочија дека секоја општина треба добро да ја разгледа новата регулатива: „Нормативи и Стандарди за училишни простории, опрема и наставните средства за основните училишта во РСМ“, кадешто се утврдени четири категории на училишта, па соодветно на тоа и бројот на минимум ученици што треба да го имаат во една паралелка, а  посебно внимание да посветат и на  карактеристиките на  таканареченото ,,заштитено училиште“. Исто така беше посочено дека треба да се внимава и на минимумот на паралелки што треба да ги има едно училиште за да има статус на правно лице.   Присутните нагласија дека при вршењето на инспекцискиот надзор овие нормативи и стандарди се обврска за  примена од страна на инспекторите. Тие нагласија дека новите нормативи и стандарди се добро дефинирани и водат кон  модернизација и осовременување на условите за работа, сепак укажаа дека во одредени делови од новата регулатива се соочуваат со одредени стандарди за чие запазување се потребни  драстични промени во просторниот дел од училиштето или пак се потребни значителни дополнителни финансиски средства за обезбедување на потребната опрема или кадри, но и на модернизирање на наставниот процес и дека со текот на времето секоја општина треба да се стреми кон нивно целосно имплементирање.  

Инспекторите дискутираа и за примената на „Упатството со насоки за формирање, организација и работа на Центрите за поддршка на учењето на учениците со попреченост во основното образование“, издадено од МОН. Општината има водечка улога во формирањето, планирањето и координацијата на целокупниот процес и работење на ЦПУ , но беше посочено дека во одредени општини засега за оваа намена се користат сензорните соби во училиштата, коишто се соодветно опремени.