Советниците од општините од Полошкиот плански регион имаа советување во административната зграда на Општина Тетово
Советниците од општините од Полошкиот плански регион, на 15 април, 2026 година, во салата, во административната зграда на Општина Тетово, се запознаа со начинот на финансирањето и со надлежностите на единиците на локалната самоуправа; со правната рамка на која се гради локаната власт; со процесот на децентрализацијата, но и со улогата, стратегиските цели и организациската поставеност на ЗЕЛС, како единствена организација во која се обединети сите општини во земјата. Целта на ова советување е да се обезбеди што поефикасна и одговорна реализација на обврските што ги имаат општинските советници при спроведувањето на надлежностите на локалната власт. Впрочем, ЗЕЛС традиционално и во изминатиот период, по завршувањето на секој циклус на локални избори спроведуваше воведни обуки за определен број на делегати од секој општински совет и истите ги реализираше во просториите на ЗЕЛС. Оваа година, за прв пат овие обуки имаа можност да ги проследат сите членови од советите од сите општини во земјава и истите беа организирани во рамките на планските региони. Овие активности ЗЕЛС ги реализираше во согласност со Акцискиот план за 2026 година и во соработка со проектот „Зајакнување на општинските совети- Фаза 2“, спроведуван од УНДП. За утврдените теми на советувањето, пред присутните говореа Душица Перишиќ, извршен директор на ЗЕЛС, Ардита Дема-Мехмети, заменик извршен директор, Виктор Арнаудоски, раководител на сектор во ЗЕЛС и Лејла Небиу, претставник од УНДП.
Улогата на ЗЕЛС, надлежностите и финансирањето на локалната власт
Беше нагласено дека ЗЕЛС, после секој циклус на локални избори, освен што организира советување за советниците, исто така, традиционално подготвува и ,,Прирачник, водич низ надлежностите за новоизбраните градоначалници и членови на советите на општините“. Станува збор за издание, своевиден водич од каде може да се црпат значајни информации потребни при донесувањето на значајни одлуки на советниците при спроведувањето на потребните активности во рамките на Советот на општината. За прв пат оваа година ЗЕЛС го обезбеди Прирачникот само во електронска форма и им го достави на сите советници во земјата на нивните електронски адреси поединечно, но исто така секој може да го отвори и на веб страната на ЗЕЛС www.zels.org.mk во делот ,,Изданија“. Присутните беа информирани дека ЗЕЛС подготвува и весник, Гласило на ЗЕЛС, кое исто така им го испраќа на сите советници по електронска пошта, и дека и тоа е поставено на веб страната на ЗЕЛС. Советниците беа запознаени и со најзначајните органи и тела на ЗЕЛС и нивната улога: Генерално Собрание, Управен одбор; Надзорен одбор , потоа со комисиите на ЗЕЛС составени само од градоначалници, но и со мрежите на ЗЕЛС, каде членуваат претставници од општинската администрација. Посебен акцент беше ставен на улогата на Комитетот на советите при ЗЕЛС, едно од четирите најзначајни органи на Заедницата, составено од девет членови-советници, (по еден претставник од секој плански регион и од претседателот на Совет на Град Скопје, член по функција) Членовите на ова тело воедно се и делегати на Генералното собрание на ЗЕЛС, а претседателот и потпретседателот на ова тело се членови на Управниот одбор на ЗЕЛС. Беше споделено дека впрочем најважните предизвици од работењето на општинските совети, советниците може да ги изнесат на регионалните средби на советници, а потоа нивниот претставник од тој регионот ќе ги пренесе на седниците на Комитетот на советите при ЗЕЛС и понатаму може да одат на дискусија пред Управниот одбор на ЗЕЛС .
На советувањето беа објаснети стратегиските цели на ЗЕЛС, каде најважната е лобирањето во името на сите општини пред централната власт за решавање на важни предизвици на општините, но се говореше и за поддршката што ЗЕЛС им ја дава на општините и на општинската администрација, преку двете единици во ЗЕЛС: ЗЕЛС тренинг центарот и Единицата за поддршка на електронските услуги. Присутните се запознаа и со заложбите на ЗЕЛС за натамошен развој на процесот на децентрализација на власта, каде приоритет во следниов период е даден на децентрализирање на надлежностите во делот на социјалните услуги, потоа за заложбите за обезбедување на општинска комунална полиција, но и за лобирањето за потребата од зголемување на финансиската стабилност на општините, која засега е на многу незадоволително ниво, што покажува и податокот дека учеството на општините во БДП изнесува 4,9 однос 5% за разлика од некои европски земји, каде достигнува и до 50% .
Присутните изразија голема заинтересираност за видот на поддршката што ЗЕЛС може да им ја даде на општинските совети за подобрување на одредени состојби во локалната самоуправа. Беа изнесени добри практики на традиционално негуван добар соживот меѓу различни етнички ентитети во општините и во нивните совети, но и за потребата на поголема вклученост и информираност на советниците за реализацијата на активностите на општинската администрација. Беа информирани за потребата од формирање на Комисија за односи меѓу заедниците ( КОМЗ), начинот на нејзиното формирање, но и за нејзината значајна улога . Нагласено беше дека ЗЕЛС изработи и Практичен водич за КОМЗ- https://zels.org.mk/Upload/Documents/02prak%20vodic%20MAK%20za%20web%20celosno.pdf , а беа информирани и за останатите важни комисии што се формираат во рамките на секој совет на општината, но и за улогата на Комисија за еднакви можности, потоа на Советот за заштита на потрошувачите; Општински совети за превенција на детско престапништво и Локален младински совет.
Проектот „Зајакнување на општинските совети- Фаза 2“
Од големо значење за советниците е и реализацијата на Проектот „Зајакнување на општинските совети- Фаза 2“, што во нашата земја го имплементира УНДП, а е финансиран од Швајцарската Влада и во партнерство со повеќе институции, меѓу кои и Министерство за локална самоуправа. Од посебно значење беше презентацијата за Платформата за е-учење (https://opstinski.mk/ ) во која може да влезе секој советник и да најде богата библиотека од законски и подзаконски акти и извештаи поврзани со локалната власт, како и содржината на сите модули од 11 области на обуки што се реализираат за советниците. Од не помало значење е и Е-контролна табла за финансиски извештаи на општините ( https://indikatori.opstinskisoveti.mk/ ).
До советувањето на советниците од општините од Полошкиот плански регион, истата обука ја проследија и општинските советници од Скопскиот, Североисточниот, Источниот, Југоисточниот, Југозападниот и Пелагонискиот регион. На 16 април,2026 година во Општина Кавадарци ќе се одржи и советување за советниците од Вардарскиот плански регион со што ќе се заокружи годинашниот циклус на обуки за сите општински советници во земјава.







